Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа соопшти дека американската војска уништила подморница што превезувала голема количина наркотици и пловела кон САД по добро позната рута за трговија со дрога.
– За мене беше чест уништувањето на голема подморница што се користела за трговија со дрога, која се движела кон САД. Американските разузнавачки служби потврдија дека бродот содржел фентанил и други нелегални супстанции – напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ („Truth Social“).
Американскиот претседател додаде дека во подморницата имало четворица трговци со дрога, од кои двајца биле убиени.
– Двајцата терористи кои преживеале се вратени во нивните земји – Еквадор и Колумбија, за притвор и судска постапка – рече Трамп.
Тој прецизираше дека во операцијата нема повредени американски воени сили.