Американската војска синоќа соопшти дека заедно со ирачката армија извршила напад врз терористичката организација „Исламска држава“ (ИД) во Ирак и убила 15 нејзини борци.
– Таа група џихадисти беше вооружена со бројни оружја, гранати и појаси со експлозиви. Нема индикации дека има цивилни жртви. Операцијата, спроведена во четвртокот наутро, но објавена во петокот вечерта, „ги таргетираше лидерите на џихадистите со цел да ја попречи и поткопа способноста на групата да подготвува, организира и изведува напади врз цивили во Ирак – се вели во соопштението од американската воена команда.
Се посочува дека Исламската држава „останува закана за регионот, за американските сојузници, како и за американската национална територија“.
САД имаат околу 2.500 војници во Ирак и речиси 900 во Сирија, како дел од меѓународната коалиција создадена за борба против Исламската држава.
Иако ирачките власти објавија победа над Исламската држава кон крајот на 2017 година, џихадистичките келии продолжуваат спорадично да ги напаѓаат војниците и полицајците, особено во руралните и оддалечените области надвор од поголемите градови.
Ирак на 15 август објави одложување на крајот на мисијата на меѓународната антиџихадистичка коалиција предводена од Вашингтон на своја територија, оправдувајќи го одложувањето со „најновите случувања во регионот“.