Американската полиција денеска соопшти дека е во состојба на готовност поради евентуални напади на Капитол. Соопштението е објавено во пресрет на втората годишнина од насилниот упад во американскиот Конгрес и по распуштањето на комисијата што го истражуваше.
– Сегашната клима за закана, особено против избраните функционери, ќе бара континуирана и зголемена будност. При состојба на поларизација во нашата земја, може повторно да биде направен обид за напад сличен на оној со кој се соочи нашата служба на 6 јануари 2021 година. Ако се случи незамисливото, ние ќе бидеме подготвени – рече началникот на полицијата на Капитол, Том Менгер.
Пет лица беа убиени, а повеќе од 140 полицајци беа повредени на 6 јануари 2021 година, кога приврзаниците на тогашниот претседател Доналд Трамп насилно упаднаа во Капитол додека пратениците и потпретседателот Мајк Пенс ја потврдија неговата изборна загуба од демократот Џо Бајден.
Досега речиси 900 лица се обвинети за учество во немирите. Околу 470 од нив ја признаа вината, според податоците објавени минатиот месец од полицијата, која води сопствена истрага за нападот.