Одблесоци од обраќањето на американскиот претседател на 80. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации
- И пред обраќањето на американскиот претседател Трамп на Генералното собрание на ОН, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, вети дека тоа ќе биде „еден од неговите најголеми говори за надворешна политика досега“ и дека „светот ќе види како изгледа американската сила“. Ливит тврдеше дека обраќањето на претседателот ќе „ја артикулира неговата директна и конструктивна визија за светот“. Трамп стапна на говорницата во Генералното собрание на ОН за првпат по шест години за целосен напад врз светското тело, кое го опиша како несигурна, корумпирана и штетна глобална сила што треба да го следи примерот на неговото сопствено водство
Острите критики на Доналд Трамп кон Обединетите нации (ОН) и нивната улога за време на неговото обраќање пред Генералното собрание на ОН во Њујорк во вторникот, како и кон НАТО, односно кон либералните европски лидери за низа нивни политики поврзани со миграцијата, признавањето на палестинската државност и во односите со Русија, привлекоа големо внимание, уште еднаш потсетувајќи на цврстите суверенистички ставови на американскиот претседател.
Трамп стапна на говорницата во Генералното собрание на ОН за првпат по шест години за целосен напад врз светското тело, кое го опиша како несигурна, корумпирана и штетна глобална сила што треба да го следи примерот на неговото сопствено водство.
И пред обраќањето на Трамп на Генералното собрание на ОН, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, вети дека тоа ќе биде „еден од неговите најголеми говори за надворешна политика досега“ и дека „светот ќе види како изгледа американската сила“. Ливит тврдеше дека обраќањето на претседателот ќе „ја артикулира неговата директна и конструктивна визија за светот“.
Обединетите нации и НАТО на тапет
Која е целта на Обединетите нации, запраша Трамп, давајќи свое видување за улогата на глобалната организација.
– Се чини дека сè што прават ОН е пишување навистина силно формулирано писмо, а потоа никогаш не го следат тоа писмо. Тоа се празни зборови, а празните зборови не решаваат војни – истакна американскиот претседател.
Трамп исто така ги обвини земјите членки на НАТО за лицемерство затоа што купуваат нафта и гас од Москва „кога се борат против Русија“. Осврнувајќи се кон војната во Украина, американскиот претседател рече дека мислел дека тоа ќе биде „најлесниот“ конфликт за решавање поради неговиот однос со рускиот претседател Владимир Путин. Наместо тоа, посочи Трамп, војната трае веќе три години.
Tрамп ја критикуваше и одлуката на неколку земји да признаат палестинска државност, тврдејќи дека тоа служи како „награда“ за Хамас.
– Како да охрабри континуиран конфликт, дел од ова тело се обидува еднострано да признае палестинска држава. Наградите би биле преголеми за терористите на Хамас за нивните злосторства. Ова би било награда за овие ужасни злосторства, вклучувајќи и за 7 октомври – нагласи Трамп, додавајќи дека бил „длабоко ангажиран“ во обидот да се обезбеди прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас, при што инсистираше дека сака сите заложници да бидат ослободени.
Американскиот лидер го нарече Иран „спонзор број еден на тероризмот“, тврдејќи дека неговите капацитети за збогатување ураниум се „целосно уништени“ и дека неговата администрација посредувала за крај на 12-дневната војна со Израел.
Остро директно обраќање против „експериментот со отворени граници“
Во провокативен говор Трамп ги повика земјите да ги затворат своите граници и да ги протераат странците, обвинувајќи ги ОН дека водат „глобалистичка агенда за миграција“, при што им рече на националните лидери дека светското тело „финансира напад врз нивните земји“.
Време е да му се стави крај на неуспешниот експеримент со отворени граници“, потенцира Трамп во говорот пред светските лидери и делегациите во посета во големата сала на Генералното собрание во центарот на Менхетн.
Директно обраќајќи им се со остри термини на европските лидери, тој ги обвини дека „го уништуваат нивното наследство“ и дека дозволуваат меѓународна миграција поради погрешно поставена „политичка коректност“.
Напад врз иницијативите и практиките поврзани со зелената енергија
Американскиот претседател Трамп исто така ги нападна иницијативите за зелена енергија како прераспределба на производствената моќ од развиениот свет кон „земјите што загадуваат, кои ги кршат правилата и заработуваат богатство“.
Осудувајќи го Парискиот договор за климата што го напушти за време на својот прв мандат, Трамп ги нарече климатските промени „измама“ и ги исмеваше обновливите извори на енергија како што се ветерните фарми како производ на „агендата за зелена енергија“, што ги донесе земјите на „работ на уништување“.
– Според мене, тоа е најголемата измама што некогаш е извршена врз светот. Сите овие предвидувања направени од Обединетите нации и многу други, честопати од лоши причини, беа погрешни – кажа Трамп.
По неговиот говор, американскиот претседател изрази верување дека неговите зборови биле „многу добро примени“. Р.С.
Трамп зазема поцврст став кон Русија
Со смелото тврдење дека Киев не само што може да ја добие војната против Русија туку може и да ја врати секоја педа од територијата што ја изгубил, објавено на неговата платформа Трут соушл веднаш по средбата со неговиот украински колега, Володимир Зеленски, американскиот претседател Трамп ги изненади присутните.

Трамп го повтори истиот став во своето официјално обраќање пред собранието на ОН во вторникот, велејќи дека неуспехот на рускиот претседател Владимир Путин да ја добие војната против Украина „не прави Русија да изгледа добро“. И подоцна во текот на денот тој го нагласи истиот став кога одговори потврдно на прашањето дали земјите од НАТО треба да соборуваат руски авиони што го нарушуваат нивниот воздушен простор.
Трамп во вторникот имаше и разговор со претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, за најновата рунда санкции на Европската Унија против Русија. Р.С.