Фото: ЕПА

На Централната економска работна конференција во Пекинг претставена визија за континуиран економски раст на Народна Република Кина

  • На Централната економска работна конференција традиционално се поставуваат годишните економски цели и планови на Кина, што привлекува особено внимание на глобално ниво, со оглед на нивното далекусежно влијание врз светската економија. На годинешното дводневно издание одржано минатата недела, беа потврдени постојните заложби за целосно искористување на економскиот потенцијал и за зајакнување на кинеската економија наспроти постојните надворешни предизвици, со што беше нагласен фокусот на официјален Пекинг кон реформи, домашен раст, стабилност и континуитет
  • Испратените пораки на конференцијата претставуваат своевиден отворен прозорец за набљудување на Кина кон светот, додека прикажуваат низа глобални можности што можат да послужат за зајакнување на меѓународната соработка и дополнително да ја зацврстат довербата во кинеската економија

На формален состанок зад затворени врати, во присуство на највисоки партиски, владини и претставници од бизнис-заедницата, по прецизно структуриран протокол, секој декември во Пекинг традиционално се одлучува за националната економска агенда на Кина во претстојната година. Станува збор за Централната економска работна конференција на која се поставуваат годишните економски цели и планови на Народна Република Кина, што привлекува особено внимание, со оглед на нивното далекусежно влијание врз светската економија.

На годинешното дводневно издание одржано минатата недела, беа потврдени постојните заложби за целосно искористување на економскиот потенцијал и за зајакнување економијата наспроти постојните надворешни предизвици, со што беше нагласен фокусот на официјален Пекинг кон реформи, домашен раст, стабилност и континуитет. Испратените пораки на конференцијата истовремено претставуваат своевиден отворен прозорец кон светот за поглед врз Кина, додека прикажуваат низа глобални можности што можат да послужат за зајакнување на меѓународната соработка и дополнително да ја зацврстат довербата во кинеската економија.

Истакнати цели чие остварување ќе има далекусежно влијание и надвор од Кина

Овогодинешната конференција имаше исклучително значење, бидејќи не само што ја постави економската агенда за следните 12 месеци, туку го најави и 15-тиот Петгодишен план (2026-30), што политичкото водство на Кина го смета за пресуден за остварување на идните цели. Притоа беше ставен акцент на проактивни фискални и монетарни политики, зголемување на домашната побарувачка, стабилизирање на пазарот на недвижности, промовирање на иновации и унапредување на структурните реформи за постигнување на висококвалитетен раст за кинеската економија.

Од надворешна перспектива веројатно највпечатливи се целите за континуирана поддршка на извозот и на домашната потрошувачка (помеѓу кои Кина треба да постигне рамнотежа) како клучни двигатели на понатамошниот економски раст на земјата, кои извесно ќе имаат големо влијание и надвор од нејзините граници. Кина тука става акцент на поврзаноста, реформите и соработката на заемна корист во трговијата, а за таа цел, во текот на изминатата година, надлежните кинески институции воведоа широка комбинација од фискална и целна монетарна поддршка, вклучувајќи национални програми за трговија со стоки за широка потрошувачка, проширено издавање обврзници и флексибилни монетарни алатки.

Креаторите на политики во Кина ветија и дека ќе се придржуваат до домашната побарувачка како главен економски двигател, ќе изготват акционен план за зголемување на потрошувачката, ќе ги зголемат приходите во урбаните и руралните средини, ќе ја прошират понудата на квалитетни стоки и услуги и подобро ќе ги искористат постојните програми за субвенции, како што се замената на стоки за широка потрошувачка.

Аналитичарите предупредуваат оти поттикнувањето на кинескиот извоз и инвестициите во странство би можеле да доведат до понатамошни трговски тензии со конкурентите како што се САД, но официјален Пекинг веќе ја нагласи отпорноста на домашната економија.

– Достигнувањата на Кина во услови на глобална неизвесност докажаа дека нејзиниот развој е незапирлив – категорично рече кинескиот претседател Си Џинпинг на годишната конференција, нагласувајќи ја потребата за задржување на фокусот на националната агенда.

Како се одвива процесот за одредување на годишната економска политика

Многумина се прашуваат како се одвива процесот според кој втората светска економија ги одредува амбициозните планови за понатамошен напредок, откако во изминатите неколку години постигна извонредни достигнувања – стана најголем светски извозник на автомобили, надминувајќи ги Германија и Јапонија, забележа огромен подем на полето на вештачката интелигенција со успехот на стартап-компанијата „Дипсик“ и оствари трговски суфицит што надмина рекордни билион долари во првите 11 месеци од годинава.

Гледајќи снимки од Централната економската работна конференција емитувани деновиве на светските медиуми, како некој што присуствуваше на годинашното издание на „Двете сесии“ во Пекинг, можев да забележам сличности помеѓу двата глобално значајни политички настана во уникатната структура на кинескиот државен систем. Нивниот протокол се одвива беспрекорно прецизно, како според кореографија испланирана до најситни детали, а во таква атмосфера се разгледуваат извештаи, планови и одлуки што го одредуваат правецот не само на кинеската економија и политика, туку и на голем број процеси во светски рамки.

Централната економска работна конференција затоа е многу повеќе од вообичаен политички состанок. Дефинирањето на амбициозна годишна економска политика е сложена задача, па очекувано е деликатниот процес на одлучување да комбинира формални хиерархиски процедури, структурирани говори, колективно размислување и внимателна артикулација на политиките, земајќи ги предвид предизвиците по националните економии во денешните неизвесни времиња исполнети со економски шокови, притисоци, трговски војни и кризи.