Во Албанија не престануваат реакциите по вчерашните насилства во законодавниот дом, предизвикани од опозициските албански демократи.
Попладнево реагираа амбасадата на Соединетите Американски Држави и на Обединетото кралство, кои искажуваат загриженост и ги осудуваат актите на насилство.
– Ваквите штетни и потенцијално штетни дејствија немаат место во демократскиот процес. Ги повикуваме сите вклучени страни да покажат воздржаност, да се вклучат во конструктивен дијалог и да ги прифатат вредностите на почит и граѓанство – додаваат од Амбасадата на САД.
Амбасадата соопштува дека поддржува мирни и кооперативни дискусии за преговорите за членство на Албанија во ЕУ.
– Ги поддржуваме мирните и кооперативни дискусии поврзани со преговорите за членство на Албанија во ЕУ и ќе продолжиме да стоиме покрај албанските институции додека тие работат на приближување на Албанија до евроатлантската заедница – се наведува во соопштението од американската амбасада.
Во реакцијата на Британската амбасада се нагласува дека насилството нема место во демократијата и се бара од сите албански политички партии да се вклучат во конструктивен дијалог и мирни парламентарни процеси.
– Ја осудуваме секоја активност која има за цел да ги поткопува овие принципи и остануваме посветени на поддршката на народот и демократијата во Албанија – се вели во соопштението на британската амбасада.
Амбасадорот на Европската унија во Тирана, Силвио Гонзато повика да се „намалат тензиите и да се избегнат нападите“.
– Без разлика каков став или идеја имаме, ова не е начин да се изрази мислењето. Ова е за жалење. Исто така, морам да кажам дека во една функционална демократија како Албанија, незадоволството од различни видови треба да се изрази на вистински начин и да не се употребува насилство или да се врши насилство или да се направи штета на имот за да се изрази мислењето – рече Гонзато.