Речиси 1,8 милијарди возрасни луѓе ширум светот се изложени на опасност од болести, како што се рак, срцев и мозочен удар, поради недоволна физичка активност, а оваа состојба и натаму се влошува. Според ново истражување на Светската здравствена организација (СЗО), параметарот за недостаток на физичка активност на светско ниво се зголемил за пет отсто меѓу 2010 и 2022 година.
– Новите откритија ја истакнуваат пропуштената можност за намалување на опасноста од рак и срцеви заболувања и подобрување на психичката благосостојба, ако физичката активност е помала. Мораме да ја обновиме нашата посветеност за зголемување на нивото физичка активност и да ѝ дадеме приоритет, решителност во зајакнување на политиките и поголемо финансирање, за да ја промениме оваа загрижувачка насока – истакна генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Речиси една третина (31 насто) од постарите возрасни лица ширум светот не вежбаат доволно, во споредба со 24 отсто во 2000 година и 26 отсто во 2010 година.
– Физичката неактивност е тивка закана за глобалното здравје којашто значително ги влошува хроничните болести. Доколку физичката активност стане подостапна и попријатна за сите, може значително да ја намалиме опасноста од незаразни болести и да создадеме поздраво и попродуктивно општество – рече Ригер Крех, директор на Одделот за поттикнување на здравјето на СЗО.
Панајота Митру, директор за истражување, политика и иновации во Светскиот фонд за истражување на ракот, го опиша извештајот како „повик за будење до светот“ дека треба повеќе да се направи за луѓето да бидат поактивни.
– Владите треба да признаат дека физичката активност е исклучително важна за менталното и физичкото здравје, а тука спаѓа и спречувањето неколку видови рак и помагањето во тоа луѓето да одржат здрава тежина – додаде таа.
Научниот труд, објавен во списанието „Лансет“ (Lancet), покажува дека недостатокот на вежбање го зголемува ризикот од срцеви заболувања, мозочен удар, дијабетес тип 2, деменција и рак. СЗО препорачува возрасните да прават 150 минути умерени или 75 минути енергични физички вежби неделно.
Примери за умерена физичка активност се: брзо одење, домашните работи, возење велосипед со брзина од 16 – 19 км/ч. Примери за интензивна физичка активност: трчање со повеќе од 10 км/ч, копање во дворот, брз велосипед, фудбал, кошарка и тенис.