Активисти на Гринпис блокираа руски танкер со нафта во Норвешка за да спречат испорака на гориво кое, како што велат, „ја финансира војната на Путин“, соопшти денеска невладината организација.
Бродот е изнајмен од руската нафтена групација Новатек и е регистриран во Хонгконг. Превезува 95.000 тони керозин до терминалот Есо во Осгорстра, во југоисточна Норвешка.
Танкерот Уст Луга отплови од истоимениот руски град Уст Луга во Ленинградската област, се наведува на веб-страницата за следење на поморскиот сообраќај.
Активистите на Гринпис ги врзале гумените чамци со кои пловеле до танкерот за бродот, додека друга група активисти во кајаци развиле транспарент со натпис дека „нафтата додава гориво на војната“.
Портпаролката на компанијата Есо Норвешка изјави дека предметната пратка не потпаѓа под западните санкции против Русија и дека е нарачана пред рускиот напад на Украина.
– Есо Норвешка нема други договори за купување производи со потекло од Русија – додаде портпаролката.
Норвешка иако не е членка на Европската Унија, од 18 март ги применува речиси сите санкции што Унијата и ги воведе на Москва.