„Спејс екс“ (SpaceX) денеска соопшти дека биле принудени да го активираат системот за завршување на летот за да се спречи џиновската ракета „Старшип“ (Starship), со која беше изгубен контакт на осум минути по лансирањето, да скршне од курсот.
„Си-ен-ен“ ја пренесе изјавата на компанијата која наведе дека не можеле да примаат податоци од втората фаза на „Старшип“ и затоа ја активирале функцијата за самоуништување, по што ракетата експлодирала.
Новата џиновска ракета на „Спејс екс“ денеска беше ланирана од американската сојузна држава Тексас како дел од вториот пробен лет, седум месеци откако првиот обид заврши со експлозија.
Ракетата „Старшип“ долга 121 метар полета над Мексиканскиот залив, а целта била да се одвои телото на ракетата од горивниот дел и да се испрати во вселената.
„Спејс екс“ имаше за цел на височина од 240 километри за да го испрати леталото околу светот пред да се спушти во Пацификот, во близина на Хаваи, на околу час и половина по полетувањето, без да ја мине целата орбита, јавуваат американските меидуми.
„Старшип“ е најголемата и најмоќната ракета што некогаш била направена. Нејзиниот прв лет во април траеше само четири минути, а остатоците од авионот паднаа во морето.
Оттогаш, компанијата на американскиот милијардер Илон Маск направи десетици подобрувања на ракетата и нејзините 33 мотори, како и на лансирната рампа.