Според одредени воени аналитичари, кај Велика Британија и Европската Унија со нејзините 27 држави членки, со исклучок на Унгарија и Словачка, сега се препознаваат елементи (планови, мерки, активности, зафати…) што индицираат многу повеќе кон „екстензија на периодот на конфликтот и негово можно продолжување“, за да добијат на време за „подготовки да се оспособат за можен воен конфликт со Русија по три-пет години“…
Декларации за мир, а активности во насока на војна (3)
Најновата одлука на Германија, Франција и на Велика Британија да ги отстранат и последните ограничувања во поглед на оружјето што ќе ѝ го испорачуваат на Украина актуализира еден важен момент во оваа војна: кој сѐ друг учествува во неа, макар и индиректно, покрај Русија и Украина меѓусебно? Дали оваа војна „Западот ја води против Русија посредно преку Украинците“, „до последниот Украинец“, како што тврдат веќе од поодамна Русите? Трите водечки европски држави решија да им ги испорачуваат на Украинците и своите најтешки ракети со долг дострел, за да можат да целат длабоко во руската територија, какви што се на пример германските ракети „таурус“. Оваа таканаречена Коалиција на подготвените обезбедува различни видови оружје и воена опрема, ама барем засега не се решава (официјално) да испраќа и свои војници на украинската територија, за да учествуваат во воените операции против Русите.
Според одредени воени аналитичари, кај Велика Британија и Европската Унија со нејзините 27 држави членки, со исклучок на Унгарија и Словачка, сега се препознаваат елементи (планови, мерки, активности, зафати…) што индицираат многу повеќе кон „екстензија на периодот на конфликтот и негово можно продолжување“, за да добијат на време за „подготовки да се оспособат за можен воен конфликт со Русија по три-пет години“…
Западните држави ѝ осигуруваат широк арсенал на оружје, дронови, авиони, тенкови, артилерија, муниција, но не и сопствена војска на територијата на Украина
Војната во Украина се води веќе трета година и оваа држава е полигон не само за жестоки воени дејства меѓу неа и Русија туку и за индиректна конфронтација, која аналитичарите одамна ја квалификуваа како „прокси-војна“ меѓу Русија и Западот. Со други зборови појасно кажано, да повториме, западните држави ѝ осигуруваат широк арсенал на оружје, дронови, авиони, тенкови, артилерија, муниција, но не и сопствена војска на територијата на Украина
Рускиот информативен портал „Москоу тајмс“ на 6 март 2025 година во својата статија со наслов „Рубио ја нарекува војната во Украина прокси-конфликт меѓу САД и Русија“ напиша: „Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави во средата дека САД се вклучени во прокси-војна со Русија во Украина, што претставува ретко јавно признание од страна на западен функционер по големата промена во политиката на САД кон Украина. Претседателот Трамп го гледа ова како долготраен процес и оти е тоа прокси-војна меѓу нуклеарните сили: САД, кои ѝ помагаат на Украина, и Русија, изјави Рубио за ‘Фокс њуз’. И Москва долго време тврди дека води прокси-војна против Западот предводен од САД во Украина, кој доби значителна западна воена помош за да помогне во одбивањето на руската инвазија“.
Во својата анализа со наслов „САД-Русија посредничка војна во Украина: Случај на неуспех на одвраќањето“ д-р Дејвид Кармент и проф. д-р Дани Бело констатираат дека војната во Украина има елементи и на так наречена прокси-војна, која се води, според нив, не само меѓу Русија и Украина и Русија туку и меѓу Русија и САД (додека претседателствуваше Џо Бајден).
– Една од последните значајни одлуки на Џо Бајден како претседател беше дозволувањето на Украина да удри длабоко во Русија користејќи напредна американска ракетна технологија. Оваа акција означи значаен чекор нагоре во скалата на ескалација… Ризичната одлука на Бајден одразуваше поширок проблем и уште повеќе ги искомплицира работите, како што беше и одговорот на Русија да распореди напредни ракетни системи и тактичко нуклеарно оружје во Белорусија… Ова е сигнал за значителна ескалација, поради користењето понапредни технологии за одвраќање – напишаа двајцата експерти во својата анализа.
Важно е да се нагласи дека Кармент и Бело ги имаат изнесено овие согледувања во анализата што е објавена на 23 јануари 2025 година на интернет-страницата на Институтот за мир и дипломатија од САД, како невладина истражувачка организација. Односно, двајцата научници не можеле во дадениот момент да го обрнат своето внимание и кон ангажманот и прокси-вклученоста и на ЕУ и водечките европски држави, кои се интензивираат во последниве два-три месеца.
Патем споменато, д-р Дејвид Кармент е виш истражувач во Институтот за мир и дипломатија и експерт за конфликти, безбедност и меѓународна политика, а проф. д-р Дани Бело е експерт за меѓународни односи и безбедносни студии.
За крај, како и да се наречат воените дејства во Украина, факт е дека тие однесуваат сѐ поголем број човечки животи на обете страни. Сепак, кој што и да тврди, стигнуваат дури и извештаи за убиени доброволци од повеќе светски држави во редовите на украинската армија, од САД, Франција, Шведска, Франција, ама и за учество на војници од северна Украина и други држави исто така и во редовите на руската армија. Значи, надворешниот човечки фактор, не само во поглед на испорачана опрема, е сѐ поблиску до центарот на руско-украинската војна.
Долевањето масло на огнот опасно прераснува во директно вклучување, особено за ЕУ, иако ретко кој го признава тоа…
Свето Тоевски