Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа ги повика западните партнери на Украина да најдат политичка волја да му ги обезбедат на Киев потребните воени залихи или светот ќе се соочи со „една од посрамните страници на историјата“. Зеленски апелот го испрати во време кога американскиот пакет воена и друга помош е блокиран поради несогласувања во Конгресот.
Како што војната влегува во третата година, руските сили направија мал напредок на околу илјада километри од линијата на фронтот, иако борбените линии малку се променија во последните месеци. Зеленски, во редовното вечерно видео обраќање истакна дека светот мора „цврсто да реагира“ за да се осигура дека војната ќе стане „безнадежен“ потфат за Путин, кој сака само „војна и смрт“.
– Тие мора максимално да почувствуваат дека постои сила која ги уништува оние што го уништуваат животот. Ние можеме да се погрижиме за тоа. Секој од нашите партнери знае што е потребно. Главната работа е политичката волја да се направи ова, да ги обезбедиме залихите што ќе бидат корисни – истакна Зеленски.
Украина, рече тој, „чека залихи кои се клучни и ние чекаме, особено за американската одлука. Навистина е потребна поддршка“.
– Ако ова не е случај, тоа ќе биде една од најсрамните страници во историјата, доколку Америка и Европа загубат од иранските „Шахед“ (дронови – н.з.) или руски борбени авиони – порача Зеленски.
Претставничкиот дом на САД е под притисок да го усвои пакетот за национална безбедност вреден 95 милијарди долари, кој ќе обезбеди помош за Украина и Израел, како и за Индо-Пацификот. Предлог-законот беше одобрен од Сенатот минатиот месец со 70 гласови „за“ и 29 „против“, но претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон се противи на испраќање на нацрт-законот за помош во Претставничкиот дом на гласање