Конференцијата за солидарност во Нијамеј ги истакнува важноста на антиколонијалната борба и потребата од регионална соработка. Како што нагласи Филип Нуџенуме од Бенин, целта не е само одбрана од неоколонијализмот туку и создавање федерација на африкански држави што ќе обезбедат суверенитет и просперитет за народите од Сахел и пошироко
Самит во Нигер за „зајакнување на антиимперијалистичкото единство и борбата против францускиот неоколонијализам во Западна Африка“
Делегати на повеќе народни движења, синдикати, земјоделски организации и политички партии со лева ориентација од Африка, Азија, Латинска Америка (и од САД) се собраа во Нијамеј, главниот град на Нигер, на своевиден самит насловен „Конференција за солидарност со народите од Сахел“. Масовниот собир, кој се одржа од 19 до 21 ноември, имаше цел „да се зајакнат антиимперијалистичкото единство и борбата против францускиот неоколонијализам во Западна Африка“.
Сахел – центар на масовни протести против француското влијание
Во последниве години Сахел (или уште попознат како Сахелов Појас – савански екорегион во Африка, кој се граничи на север со пустината Сахара и со плодната савана на југ) стана место на масовни протести против француското влијание. Народни движења и воени удари во Мали, Буркина Фасо и во Нигер соборија влади што се сметаа за алатки на француските интереси. Новиот африкански бран што ја презеде власта ги протера француските трупи и повика на прекин на долгогодишната политика на неоколонијална зависност, позната како „Франкафрик“ (Francafrique). Особено се издвојува случајот со Нигер, каде што соборувањето на претседателот Мохамед Базум во јули 2023 година предизвика масовни протести против Франција и овозможи формирање нови политички структури, како што е Националниот совет за заштита на татковината (ЦНСП). Мобилизацијата во Нигер беше поттикната од народното незадоволство на владата на Базум, која масовно од граѓаните се сметаше како „марионета на Франција“. Под неговиот режим, народните протести на жителите на Нигер беа брутално задушени, а политичките противници беа лишувани од слобода, затворани и измачувани. За потсетување, протестите таму ескалираа откако Франција одби да ги повлече своите трупи од Нигер, и покрај масовното народно незадоволство. Демонстрантите формираа Конвергенција за народите на Сахел (ЦОСНАС), со поддршка на ЦНСП, за да го зголемат притисокот. Конечно, во септември 2023 година Франција објави повлекување на своите трупи, по неколкумесечни масовни демонстрации.
Нигер како инспирација на повеќе африкански држави за „борба против неоколонијализмот и создавање антиимперијалистичко единство“
Одбраната на Нигер од надворешни влијанија, управувања, експлоатација и притисоци стана инспирација за целиот африкански регион. Имено, Мали, Буркина Фасо и Нигер ја формираа Алијансата на државите од Сахел (AES) за заеднички да се спротивстават на санкциите и заканите за воена интервенција од страна на Економската заедница на западноафриканските држави (ECOWAS). Оваа алијанса доби поддршка од народни движења низ целиот регион, вклучувајќи ги Бенин, Гана и Брегот на Слоновата Коска. Во Бенин, на пример, Комунистичката партија и другите прогресивни сили го организираа Патриотскиот фронт за да ја спречи владата да учествува во воена интервенција против Нигер. Слични иницијативи беа поведени во Гана и Брегот на Слоновата Коска, каде што народните движења работеа на издигање на свеста за штетните ефекти на неоколонијализмот. Иако земјите од Алијансата на државите од Сахел (AES) постигнаа значителен исчекор, напредок, па и победи, заканите остануваат.
Франција поставува воени бази во Африка, заради евентуална брза воена
интервенција
Според јавно достапни извори од Африка, медиумите во своите статии укажуваат на „зголемена активност на западно поттикнати исламистички бунтовници во регионот, како и на тоа дека западни воени сили на држави припаднички на НАТО го зајакнуваат своето воено присуство во Западна Африка“.
Според истите извори, официјални претставници на африканските држави Нигер и Буркина Фасо тврдат дека Франција поставува воени бази во соседните земји, како што е државата Бенин во Западна Африка. Медиумите пишуваат дека целта на воспоставувањето на ваквите француски бази е „за да се поттикне дестабилизација“. И покрај овие закани, медиумите пишуваат дека „успесите на Алијансата на државите од Сахел (АЕС) носат надеж“. Имено, Нигер, кој претходно беше меѓу најсиромашните земји во светот, бележи економски раст, додека Мали значително го намали надворешниот долг.
Конференцијата за солидарност во Нијамеј ги истакнува важноста на антиколонијалната борба и потребата од регионална соработка. Како што нагласи Филип Нуџенуме од Бенин, целта не е само одбрана од неоколонијализмот туку и создавање федерација на африкански држави што ќе ги надминат колонијалните граници и ќе обезбедат суверенитет и просперитет за народите од Сахел и пошироко. Р.С.