Во Соединетите држави неодамна беше забележано зголемување на бројот на луѓе кои страдаат од салмонелоза, предизвикана од бактеријата Салмонела, па властите издадоа препорака за која многумина се насмеаја.
– Не ги бакнувајте или прегрнувајте пердувестите животни и не јадете или пиете во нивна близина – порача Центарот за контрола и превенција на болести, главната сојузна државна агенција за јавно здравје.
Центарот објасни дека зголемувањето на бројот на случаи со салмонелоза е делумно поврзано со ваквото однесување. Од средината на февруари, регистрирани се 163 случаи, од кои 34 завршиле со хоспитализација.
– Во разговорите со пациенти беше утврдено дека контактите со живината се веројатен извор на епидемијата. Иако изгледаат чисти, кокошките и патките можат да пренесат салмонела, бактерија што предизвикува дијареја, треска и повраќање – велат експертите на агенцијата.
Властите препорачаа и темелно миење на рацете по контакт со живината.