Иранските власти денеска соопштија дека нападот врз воената парада во западниот град Ахваз бил извршен од страна на специјална единица на исламистички сепаратисти кои веќе дејствуваат во овој дел од земјата.
– Ги идентификувавме петте членови на специјалната терористичка единица, поврзани со такфирски сепаратисти, а поддржани од реакционерни арапски држави, соопшти иранското Министерство за внатрешни работи.
Најмалку 24 лица, меѓу кои и жени и деца кои излегле да ја проследат парадата, беа убиени, а десетици ранети кога неколкумина напаѓачи отворија оган од оружје, што претходно го скриле во близина на булеварот низ кој марширала единица на иранската Револуционерна гарда.
Овој дел на Иран е богат со нафта, а има и сунитско арапско малцинство, меѓу кое и порано дејствувале сепаратистички групи.