Џо Бајден победи во девет од вкупно 14 сојузни држави што гласаа за избор на кандидат за претседател на САД во т.н. супервторник и се врати во врвот на демократската трка за Белата куќа, заедно со главниот ривал Берни Сандерс. Двајцата сега се водечки претенденти за освојување на партиската номинација во јули. Избраниот кандидат на демократите потоа во ноември ќе ги одмери силите со актуелниот републикански претседател Доналд Трамп.
Наспроти предвидувањата, бившиот потпретседател на САД извојува тесна победа во клучната сојузна држава Тексас. Сепак, Сандерс се очекуваше да обезбеди победа во Калифорнија, која носи и најмногу делегати, заедно со уште три други сојузни држави. Бившиот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг, потроши над половина милијарда долари за претседателската кампања, но не извојува победа во ниту една сојузна држава. Сенаторката Елизабет Ворен, која во почетокот на трката важеше за еден од главните кандидати, претрпе пораз од Бајден во својата матична сојузна држава Масачусетс, јави Би-би-си.
Супервторникот има клучна улога во внатрепартиските избори, зашто нуди над 1.300 од вкупно 1.991 делегат, кој му е потребен на еден кандидат за да ја добие партиската номинација за учество во трката за Белата куќа. Според последните (нецелосни) резултати, Бајден има 402 делегати, а Сандерс 314.