Европската Унија свика итен состанок со Велика Британија за новиот предлог-закон на Борис Џонсон, со кој се игнорираат делови од договорот за излез од Унијата
Владата на Борис Џонсон се најде во судир со Европската Унија (ЕУ) завчера откако го претстави новиот предлог-закон за внатрешен пазар, кој може да прекрши клучни делови од договорот за излез од блокот. Предлог-законот за внатрешен пазар, чија цел е управување со трговијата во рамките на четири земји во состав на Велика Британија, пропишува дека нема да има проверки на стоките што се движат од Северна Ирска до другите делови од кралството. Со него исто така ќе им се даде моќ на британските министри да ги менуваат или „да не ги применуваат“ правилата поврзани со движењето на стоки што ќе стапат во сила од 1 јануари, кога Велика Британија ќе излезе од единствениот пазар на ЕУ, доколку не се постигне трговски договор. Двете одредби се спротивни на Ирските протоколи, кои гарантираат дека нема да се вратат царинските проверки на границата меѓу Северна Ирска и Република Ирска.
Во овој процес се чини дека Борис Џонсон го игнорираше договорот за излез од ЕУ, кој беше главна точка во неговата успешна изборна кампања лани во декември. Портпаролот на премиерот порача дека „договорот за излез и протоколите за Северна Ирска не се како секој друг договор“, како што пренесува „Еурактив“. Самиот Џонсон го бранеше новиот предлог-закон со тоа што неговата цел била „да го зачува интегритетот на британскиот внатрешен пазар, да им се даде поголемо овластување на Шкотска и на Велс, а истовремено да се заштити мировниот процес во Северна Ирска“, соопшти „Би-би-си“.
Предлог-законот го навлече гневот на Брисел и на Даблин, како и на опозициските политичари на Островот. Ирскиот премиер Микал Мартин му порача на своето законодавно тело дека „соодветните преговори се водат на основа без никакви изненадувања, а повторното вовлекување на Северна Ирска би значело нови поделби и нова опасност“. Портпаролот на ирската влада подоцна соопшти дека Мартин разговарал „отворено“ со Џонсон за „кршењето на меѓународниот договор, отсуството на билатерална вклученост и сериозните последици за Северна Ирска“.
Во меѓувреме, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен на Твитер изрази силна загриженост за соопштението на британската влада за нејзините намери дека „може да го прекршат меѓународниот закон и да ја поткопаат довербата“.
Предлог-законот изненади многумина и во британската влада. Неколкумина конзервативци го сигнализираа нивното противење на предлогот, а Тереза Меј и Џон Мејџор, како поранешни конзервативни премиери, тврдеа дека истиот тој ќе ја наруши меѓународната доверба во кралството, но со мнозинство од 80 пратеници, нема сомнеж дека лесно ќе помине во Долниот дом. Сепак, Владата нема мнозинство во Горниот дом, кој, иако не може да стави вето на предлог-законот, може да го одложи на една година. Шкотската влада исто така сигнализираше дека ќе преземе правни чекори што исто така може да го одложи неговото стапување во сила, пренесува „Еурактив“.
Токму завчера во Долниот дом, Џонсон оваа легислатива ја опиша како „правна заштита на државата од екстремни или нерационални толкувања на протоколите што би можело да доведе до воведување граница во Ирско Море на начин што тој смета дека би бил штетен по интересите на Договорот од Белфаст, но и по интересите за мирот во државата“.
Иако трговските преговори во Лондон меѓу главниот европски преговарач Мишел Барние и неговиот британски колега Дејвид Фрост започнаа во вторникот и ќе траат до денес, сепак вчера беше свикана итна средба на шефот на владиниот кабинет Мајкл Гоув и европскиот комесар Марош Шевчович за да се дискутира за содржината на предлог-законот.
Исходот од овој состанок ќе биде значаен за иднината на трговските преговори меѓу двете страни. ЕУ вели дека сè уште сака договор, но од клучен аспект е Велика Британија да го почитува договорот за излез. Британската влада најави дека е подготвена да се откаже од преговорите ако наскоро не се постигне некаков напредок. Повеќето аналитичари сметаат дека предлог-договорот е преговарачка тактика на Џонсон за да изврши притисок врз Барние во однос на државната помош и риболовот, кои се долгогодишни спорни точки за новиот трговски договор меѓу ЕУ и Велика Британија.