Џихадисти од Исламска држава (ИД) во Либија убиле шест лица, заробени за време на напад врз гратчето Ал-Фука во октомври, соопшти мисијата на ОН во земјата.
ОН ги осуди убиствата како „грозоморни”, без да даде повеќе детали. Шесте жртви беа заробени на 28 октомври за време на нападот врз Ал-Фука. Градот се наоѓа јужно од пристанишниот град Сирт, поранешно упориште на ИД.
Нападот ја потврди нестабилноста во Централна Либија, каде ИД и други вооружени групи, вклучувајќи и некои од соседен Чад, дејствуваат како улични разбојници или напаѓаат патроли на самопрогласената Либиска национална армија.
Либија се наоѓа во хаос по бунтот од 2011 година и сега е управувана од ривалски влади, едната во источниот, а другата во западниот дел на земјата.