Велика Британија може да ја напушти Европската Унија на 31 октомври без договор, и покрај законот со кој се бара премиерот да побара одложување на брегзит доколку не биде постигнат договор, изјави денеска британскиот министер за финансии Саџид Џавид.
На прашањето дали е можен брегзит без договор, тој рече да, пренесува „Ројтерс“.
– Тоа не е нашата преферирана опција. Ние работиме напорно за да постигнеме договор до 31 октомври. Меѓутоа, ако не успееме да го сториме тоа, мислам дека е важно да излеземе како и да е, дури и без договор. Не е совршено, но соодветно е да излеземе на 31-ви – изјави Џавид за ИТВ.