Самитот посветен на новиот буџет на Европската Унија (ЕУ) синоќа заврши без договор по ќорсокакот помеѓу богатите „штедливи“ држави и другите земји од блокот, пренесува Би-би-си.
Данска, Австрија, Шведска и Холандија, кои ја сочинуваат т.н. „штедлива четворка“ порачаа оти нема да прифатат буџет над еден отсто од БДП на Унијата.
Францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека ваквата ситуација покажала оти „На Европа не и е потребна Британија за да покаже разединетост“, откако брегзит остави празнина од 75 милијарди евра во седмогодишниот буџет. Макрон додаде и дека одредени земји „формираат коалиции за блокирање“ на буџетот.
Германската канцеларка Ангела Меркел призна дека дошло до прекин на преговорите поради „преголемите разлики“ во ставовите, додавајќи оти „ќе треба да се навратат на оваа тематика“.
Сегашниот буџет истекува на крајот на годинава, со што новиот треба да го покрие периодот од 2021 до 2027 година.
„Штедливата четворка“ и 17-те членки наречени „пријатели на кохезијата“, меѓу кои се Шпанија, Португалија, Грција и Унгарија, го одбија компромисниот предлог на претседавачот на самитот, Шарл Мишел, кој би го ограничил трошењето на 1,069 отсто од заедничкиот БДП. Тоа нешто помалку од првичниот предлог од 1,074 отсто, што е еднакво на 1,09 трилиони евра. „Штедливата четворка“ бараше максимум од еден отсто, а „пријателите на кохезијата“ надминување на предложените 1,074 отсто.
Членките на ЕУ имаат несогласувања и околу предлозите за трошење на буџетот. Штедливите држави бараат да се зголеми финансирањето на прашањата поврзани со мигрантската криза, климатските промени, безбедноста и дигитализацијата. Другите држави сметаат дека буџетот треба да биде искористен на „кохезивни фондови“ за посиромашните региони и субвенции за фармерите.
Мишел сега ќе треба да ги консултира членките за утврдување на датум за следниот самит. Ако не биде постигнат договор до крајот на годинава, ЕУ ќе треба да ги запре и постоечките проекти.