Карикатура: „Нова Македонија“

Колку се троши за екологија, а колку за вооружување во ЕУ

Дури и обична споредба на податоците на издвојувањата за екологија и за одбрана (вооружување) на земјите-членки на НАТО и на ЕУ
укажува дека средствата во буџетите што се издвојуваат за одбрана и понатаму се поголеми од оние за екологија, колку и да се зборува гласно за заштитата на животната средина. Тоа го поттикнува и сомневањето колку се искрени декларираните заложби за заштита на животната средина

Поимот „животна средина“ во последните децении на 20 век почна да се употребува во безбедносен контекст, и тоа на три нивоа. Првото ниво е комплексот прашања за „уништување и неограничено исцрпување на природните и обновливи ресурси“, односно нарушување на екосистемот со човечкото дејствување, што несомнено придонесува за деградација на животната средина и глобални климатски промени.

Второто ниво ја отвора проблематиката на односот на екологијата и војувањето. Имено, регионалните судири, како подготовки за војување, особено користењето нуклеарно и друго оружје за масовно уништување им имаат нанесено максимална штета на природната средина, населението, материјалните добра и културното наследство.

Третото ниво, кое засега повеќе личи на теорија на заговор, се однесува на прашањето на самата животна средина, која се користи како потенцијално (или реално) геофизичко оружје за војување.
Сите овие аспекти на глобалната загриженост за животната средина се актуализираат со истражувањето на Евростат за тоа колку земјите-членки на ЕУ издвојуваат за екологијата, а контекстот на војувањето и вооружувањето е неодминлив показател за споредба на потрошувачката на средства и (не)сериозниот приод на државите и владите.

Евростат објави суми преку кои може да се направи споредба за вложување во екологијата и за оружјето

Според Евростат, во 2018 година, 27 земји-членки на ЕУ имале речиси 106 милијарди евра владини расходи за заштита на животната средина, што претставува 1,7 процент од вкупните владини расходи. Ова е еквивалентно на 0,8 проценти од БДП. Севкупно, во ЕУ, општите владини расходи за заштита на животната средина како процент од БДП останаа стабилни од почетокот на 2001 година. Најголем удел во трошоците за заштита на животната средина издвојува Холандија, додека најмал – Финска. Во 2018 година, односот на владините трошоци за заштита на животната средина со БДП варирал во земјите-членки на ЕУ од 0,2 отсто во Финска, 0,3 отсто во Кипар и Литванија, 0,4 отсто во Данска, Ирска, Унгарија и Австрија, додека во Малта 1,2 отсто, во Белгија и Грција 1,3 отсто и во Холандија 1,4 отсто.


Земјите-членки на ЕУ главно се членки и на НАТО (воена алијанса) и имаат прифатено да ја исполнат тенденцијата за издвојување за одбрана до 2 отсто од БДП. Од тој буџет за одбрана е предвидено барем 20 отсто да се издвојува за модернизација на одбранбената инфраструктура и за опрема (вооружување.).
– Од 2015 до 2019 година, земјите-членки на НАТО без САД ги зголемија своите трошоци за одбраната за повеќе од 20 проценти и достигнаа неверојатни 302 милијарди долари, додека одделно американските трошења за одбраната се зголемија од 660 на 685 милијарди долари. Сѐ на сѐ, вкупните издатоци за одбраната на членките на НАТО може да достигнат до илјада милијарди долари во 2020 година. Тоа се случува и кога само девет земји-членки на Алијансата (вклучувајќи ги и САД) го исполнуваат условот за 2 проценти од БДП да се одделува за одбраната. На седум држави им недостигаат 0,5 проценти до целта од 2 проценти од БДП за НАТО, но заклучок е дека сите земји имаат зголемени трошоци и издатоци за одбраната од 2014 година наваму – пишува американскиот магазин „Ер форс“.

Од регионот најмногу од националниот БДП за одбраната во 2019 година одвоила соседна Бугарија, 3,25 проценти, па Грција, 2,28 проценти. Потоа следуваат Турција со 1,89 отсто, Хрватска со 1,68 отсто, Црна Гора со 1,66 отсто, Албанија со 1,26 отсто и Словенија со 1,04 отсто. Пред последниот самит на НАТО, во Лондон, на крајот од минатата година, и Германија, Франција и Велика Британија се обврзаа дека ќе ги зголемат своите издвојувања за одбрана.

Инвестициите во оружје поприоритетни од вложувањата во екологијата

Дури и обична споредба на податоците на издвојувањата за екологија и за одбрана (вооружување) на земјите-членки на НАТО и на ЕУ укажува дека средствата во буџетите што се издвојуваат за одбрана и понатаму се поголеми од оние за екологија, колку и да се зборува гласно за заштитата на животната средина. Тоа го поттикнува и сомневањето колку се искрени декларираните заложби за заштита на животната средина.
– Ниту на глобално ниту на регионално ниво јавноста не го разбира многу значењето на екологијата, колку и да зборува гласно тоа. Таа област им звучи апстрактно и премногу теоретски. Додека, пак, посликовити им се заканите од војните и она што значи вооружување, по сите историски пренесени искуства од двете светски војни во 20 век, па и современите воени судири. Но денес светот не е еднополарен, и војните не се водат како некогаш, со директни борби и исклучиво со оружје. Голема е веројатноста дека во светот веќе се води тивка војна, а еколошките прашања се дел од безбедносните стратегии на државите, во однос на водењето на таквите меки форми на војување. Покрај тоа, војните денес се водат со т.н. сајбер-бригади и многу држави имаат развиено такви единици. Изгледа парадоксално, но светот бил најсигурен во време на Студената војна, кога имало баланс на светските воени сили (САД и СССР) и рамномерно вооружување на двете страни – вели Пецо Трајковски, претседател на Центарот за стратегиски истражувања и анализи.