Сириските бунтовници поддржани од Турција, се очекува наскоро да им се придружат на силите на меѓународно признаената либиска влада во борбата против одметнатиот генерал Халифа Хафтар, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган веќе ја најави можноста за испраќање на воена помош на владата на либиските власти. На тој начин, либискиот зовриен лонец ќе биде дополнително зачинет.
Бунтовничките групи кои се бореа заедно со турските сили во северна Сирија, се очкува да бидат засилување за владата во Триполи, според неофацијалните информации од Либија и од Турција. Либиската влада првично се противеше на ваквата идеја, но сепак ја прифати откако силите на Хафтар почнаа да напредуваат кон Триполи. Помошта од сириската бунтовничка група, т.н. Бригада Султан Мурад, сепак не се смета како официјално распоредување на турските сили.
Познавачите на состојбите ја наведуваат можноста Турција да ја испрати морнарицата за да го штити Триполи, додека нејзините трупи работат на координација со силите на либискиот премиер Фајез ал Сараж.
Силите на либиската влада денеска ги бомбардираа бунтовниците на Халифа Хафтар, одговарајќи на нивната акција јужно од Триполи, која резултираше со егзодус на голем број на цивили.