Бразилскиот претседател Жаир Болсанаро тврди дека ја сака Амазонија, но неговите политики прикажуваат поинаква слика. Амазонската дождовна шума гори и изумира бргу секојдневно, губејќи површина со дрвја голема околу едно и пол фудбалско игралиште со секоја измината минута, пренесува „Гардијан“.
Додека бразилските фармери и одгледувачи на добиток во пепелта од шумата гледаат иднина, активистите за заштита на животната средина ја посочуваат вината во бразилскиот претседател. Тој, пак, тврди дека „има голема љубов и почит кон дождовната шума“, која треба да се заштити од криминалните активности и сечата.
Но, погледот врз неговата економска политика и политиката за животна средина го докажуваат спротивното, а неговите критичари тврдат дека тој не само што ја поттикнал оваа еколошка катастрофа, туку и ја поставил основата за истата.
Откако дојде на власт, тој се бореше за намалување на казните на фармерите и земјоделците за штетите што ги нанесуваат врз шумите. Со тоа започна и загриженоста за животната средина кај неговите противници.
Откако ја потпиша извршната наредба со која Министерството за земјоделство доби одговорност за сертификација на локалното земјиште како заштитена територија, околу еден милион домородно население се најде во опасност. Болсанаро тврдеше дека со овој чекор, „отсеченото население ќе се интегрира во вистинскиот Бразил“. Ваквата изјава го зацврсти неговиот прекар „Трамп на тропските предели“ во светската јавност.
По неговото доаѓање на власт, Болсонаро се наведува како одговорен за намалување на буџетот за заштита на животната средина во висина од околу 23 милиони долари.
Претходно, Болсонаро го отпушти Рикардо Галвао, директорот на Бразилскиот национален институт за вселенски истражувања, поради објавените сателитски снимки кои покажуваат дека уништувањето на Амазонија се зголемило за 88 отсто во споредба со минатата година. Наводно, ваквите снимки се лажни и штетни за трговијата на земјата.
Ваквите одлуки го направија Болсонаро најомразениот политичар во светот. Тој во петокот повторно го прекори францускиот претседател Емануел Макрон и европските земји да не се мешаат во политиката на Бразил. Макрон предложи светските сили да помогнат во гасењето на пожарите и да финансираат проекти за пошумување на Амазонија.
– Болсонаро е најомразениот лидер во целиот свет. Дури ни Родриго Дутерте, ниту Доналд Трамп, не предизвикуваат толку гнев кај луѓето. Во последните 50 години, сликата за Бразил не била толку лоша – изјави Рубенс Рикуперо, поранешен бразилски министер за економија и амбасадор во САД.
Рикуперо тврди дека Болсонаро го има истиот менталитет како воената власт во 1970-тите, според кој шумата треба да се колонизира и да се претвори во плантажи.
– Само стравот од економски последици, бојкотот на производи и запирањето на трговски договори би можеле да го променат правецот во кој Болсонаро е насочен – смета Рикуперо, додавајќи дека Болсонаро ја „убива“ земјата, а уништувањето на сопственото наследство е еднакво на самоубиство.