Европската комисија ќе ги забрза подготовките во случај Велика Британија да излезе од ЕУ без договор за уредено истапување, изјави претседателот на Еврокомисијата, Жан-Клод Јункер.
– Нашите британски пријатели треба да кажат што сакаат наместо да ни кажуваат што сакаме ние – изјави синоќа Јункер, по завршувањето на првиот дел од Самитот на лидерите на ЕУ, посветен на брегзит.
Јункер најави дека Европската комисија в среда на 19 декември ќе ги објави „сите корисни информации, кои се однесуваат на подготовките за брегзит без договор“.
Според него, „незамисливо“ е Велика Британија да мисли оти ЕУ треба „да понуди одговори“.
– Станува збор за тоа дека британската Влада треба да ни каже што точно сака – наведе Јункер, додавајќи дека му е „тешко да го разбере расположението на британските пратеници“.
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, пак, оцени дека британската премиерка Тереза Меј има „тешкотии“ да го убеди британскиот Парламент да го одобри договорот и оти побарала „дополнителни гаранции“.
Според извор од Брисел, атмосферата на работната вечера на Самитот била „многу лоша“. Истиот извор наведува дека „Тереза Меј не била способна да искаже што сака“, а германската канцеларка Ангела Меркел често ја прекинувала и прашувала што точно очекува.
Меј може да очекува помош само ако следните недели се појави со конкретни предлози, изјави друг извор.
Британската Влада го одреди 21 јануари како последен рок за гласање за договорот во Парламентот.
Европскиот совет во заклучоците повтори дека „заштитната мрежа“ за ирската граници ја планира како привремена мерка и дека, и да дојде до нејзина примена, ЕУ „ќе стори сѐ што е во нејзина моќ за брзо склучување на договор што ќе ја замени“.