Северна Кореја, неочекувано, упати извинување на група новинари на кои им бил оневозможен влез на концерт на јужнокорејски поп-бенд, што го посетил севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, пишуваат британските медиуми. Извинувањата од Северна Кореја претставуваат ретка појава, со што постапката на нејзиниот државен функционер е неочекувана за многумина.
Новинарите од Јужна Кореја го посетиле севернокорејскиот главен град Пјонгјанг со цел да го проследат концертот, како дел од зближувањето помеѓу соседните држави, во рамките на кое Ким Џонг-ун ќе се сретне со јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин месецов.
Новинарите, сепак, биле спречени да влезат на концертот во неделата, по што владата на Јужна Кореја упати официјален протест до соседите. Севернокорејскиот генерал Ким Јонг-чол потоа отишол во нивниот хотел за да им се извини, според медиумите од Јужна Кореја.
Тој, наводно, го обвинил обезбедувањето на Ким Џонг-ун за спречувањето на влезот на новинарите, правдајќи се дека нивната постапка била ненамерна и оти е последица на слабата комуникација во владата на Северна Кореја.
Концертот во неделата е прв од страна на јужнокорејски изведувачи, што Ким Џонг-ун го следеше во живо, а тој се сретна и со бендот по завршувањето на нивниот настап.