Семејството Хопкинс од Австралија било доволно среќно да ја избегне вулканската ерупција на Белиот Остров на Нов Зеланд за само неколку минути. На бродот со кој тие крстареле веднаш била донесена одлука да се вратат и да им помогнат на луѓето кои барале помош, пренесува Си-ен-ен.
– Сцена што никогаш нема да ја заборавам се повиците за помош на луѓе прекриени со пепел. Нивната облека и кожа беа изгорени, а нивните повици за помош звучеа морбидно – вели Џеф Хопкинс, пастор од Австралија кој за време на ерупцијата на вулканот веднаш пристапи за да им укаже помош на оние на кои им е најпотребна.
Бродот на кој се наоѓал Хопкинс, заедно со неговата ќерка, го напуштил островот само неколку минути пред вулканот да еруптира. По ерупцијата, екипажот донел одлука тие да се вратат и да им помогнат на несреќните на островот.
– Луѓето бегаа и бараа спас во водата. Кога ги извадивме на бродот, видовме страшна слика. Нивната кожа беше изгорена, полна со пликови – објаснува Хопкинс, чие еднодневно патување на островот заедно со неговата ќерка Лилани се претворил во неверојатна борба за спасување животи.
Како што бројот на повредените качени на бродот растел, станало очигледно дека им е потребен доктор. Хопкинс и неговата ќерка, кои се обучени во пружање прва помош, веднаш пристапиле да им помогнат на изгорените.
– Почнавме да помагаме на оние на кои им беше најнужна помошта. Од сите луѓе на кои помогнавме, во сеќавање ми остана еден брачен пар од САД. Во страшни болки, тие постојано прашуваа за состојбата на другиот – вели Хопкинс.
Тој се помолил за нивните животи и ги уверил дека ќе ја преживеат страшната несреќа.
– Таа велеше „ова е најлошиот ден во мојот живот“, на што јас потврдив дека е точно, но дека има за што да се борат, дека имаат иднина. Во тешки времиња на тага и болка, важно е да им се даде надеж на оние на кои најмногу им треба. Кога тие мислат дека нема да успеат, треба да ги уверите во спротивното, дека се борци, дека се силни и имаат за што да се борат и да живеат – вели добриот пастор.
Вулканскиот туризам во центарот на вниманието по ерупцијата
Луѓето со авантуристички дух наоѓаат возбуда во посетувањето вулкани низ целиот свет. За активните вулкани има уште поголем интерес меѓу туристите.
– Посетата на вулкани нуди ретка можност да се биде во близина на немирната Земја. Возбудливото движење на кората на земјата, силното вибрирање на тлото, како и можните ерупции се цел на авантуристите кои бараат забава и адреналин. Но, ова носи и големи ризици. Сулфурниот диоксид и другите издувни токсични гасови, лавата, лизгањето на земјиштето, појавата на пожари, како и големите цунамија се постојан ризик за оние кои се во постојана потрага по адреналин – вели новинарот Симон Калдер.