Јапонски министер, чиј ресор е кибер-безбедност и подготовка на Олимписките игри во Токио во 2020 година, и даде утрово на опозицијата повод за насмевки, измешани со стравови, призна дека никогаш не користел компјутер во неговиот професионален живот.
Шеесет и осум годишниот Јошитака Сакурада, минатиот месец беше назначен од премиерот Шиндзо Абе за заменик раководител на владина служба за кибер безбедност.
На седницата на парламентарна комисија вчера во одговор на прашање тој изјави: „Дваесет и пет години, секогаш сум барал помош од мојот персонал или секретари, па затоа никогаш не сум користел компјутер”.
– Неверојатно е човек кој не работел со компјутер да биде одговорен за информациската безбедност – изјави Масато Имаи, член на опозицијата.
Изјавата на министерот предизвика бура од критики и саркастични забелешки на социјалните мрежи.
-Од министерот Сакурада, ниту еден хакер не може да украде какви било информации. Можеби тоа е најдобра заштита – напиша еден корисник на Интернет.
Сакурада се придружи на владата при министерската рокада, со која премиерот Шинзо Абе се обидуваше да ја одржи рамнотежата меѓу фракциите во својата Либерално-демократска партија.