Јапонскиот твитер-убиец Такахиро Шираиши, кој преку Твитер стапил во контакт со девет лица и потоа ги убил, беше осуден на смртна казна, пренесуваат светските медиуми.
Шираиши бил уапсен во 2017 година откако во неговиот апартман биле пронајдени човечки остатоци, по што тој ги признал убиствата. Убиствата покренаа дебата за самоубиствата организирани преку Интернет. Шираиши ги наоѓал жртвите на Твитер, нудејќи им помош за одземање на животот, а во одредени случаи тврдел дека и тој ќе се самоубие со нив. Тој задушил и распарчал осум жени и еден маж на возраст меѓу 15 и 26 години.
Обвинителите бараа смртна казна за Шираиши. Но, неговите адвокати тврдат дека тој е виновен за „убиство со согласност“, тврдејќи дека неговите жртви му дале дозвола да бидат убиени. Убиецот подоцна ја оспори верзијата на настаните и изјави дека убивал без согласност на жртвите.
На судењето се појавиле над 400 лица, иако судот има на располагање само 16 места за јавноста, пренесуваат јапонските медиуми. Јавната поддршка за смртната казна останува дел од Јапонија, која е една од ретките развиени земји што се уште практикува смртна казна.
Таткото на една жртва, која имала 25 години, рече дека дури и после смртта, тој нема да му прости на убиецот.
– Кога ќе видам жена на иста возраст како ќерка ми, јас во неа ја гледам мојата ќерка. Оваа болка никогаш нема да помине – вели таткото на жртвата.
Убиствата ја потресоа Јапонија и предизвикаа нова дебата за веб-страниците на кои се разговара за самоубиство. Јапонската влада посочи дека може да воведе нови регулативи. Убиствата, исто така, предизвикаа промени на Твитер, чии корисниците не смеат да промовираат или поттикнуваат самоубиство или самоповредување.