Фото: Игор Бансколиев

Како се „демократизира“ Европа

Настаните во Авганистан и најавите за нов мигрантски бран предизвикаа забрзано барикадирање на Европа, при што повеќе од половина од земјите-членки на ЕУ досега подигнаа физички бариери на нивните граници. Станува збор за илјадници километри најразлични пречки и барикади, слично на Берлинскиот ѕид, како од периодот на Студената војна. Кои се тие земји и како се штитат

 

Од грчките острови во Медитеранот, преку Балканот, па до скандинавските држави, но и на источните граници кон Белорусија и Русија, европските држави со голема пареа и забрзано темпо градат илјадници километри жичени огради и боцкави барикади, заштитувајќи се себеси од најавите за нов мигрантски бран од Авганистан.

Германската новинска агенција ДПА известува дека загрижувачката состојба во Авганистан е главниот мотор за забрзаното барикадирање на Европа.
Според истражувањето, повеќе од половина од земјите-членки на ЕУ досега подигнале физички бариери на нивните граници, со план на тој начин да ја обезбедат својата територија од очекуваниот нов наплив на мигранти од Авганистан, сличен на случувањата од 2015-та, кога имаше мигранти од Сирија.
За разлика од нив, Македонија, која не е членка на ЕУ, ширум ги отвори вратите и веќе згрижи голема група бегалци од Авганистан.
Во продолжение издвојуваме табеларен преглед на некои од европските држави и мерките што ги преземаат.
Полска

Полска на почетокот на месецов започна градежни работи со кои државата планира да издигне ограда долга 400 километри по должината на својата граница со Белорусија. Во моментов државата на граничниот појас поставила 130 километри боцкава жица и распоредила 1.500 војници, на кои во наредниот период е планирано да им се придружат и дополнителни 500 нивни колеги.

Фото: Игор Бансколиев

Унгарија

Оваа држава веќе поседува жичена ограда, која е поставена по должината на целата нејзина граница со соседна Србија долга 157 км. Проектот на десничарскиот премиер Виктор Орбан предвидува и распоредување софистицирана опрема по должината на жичената граница, која ќе се состои од дронови и термографски видеокамери. Унгарија за изградбата на овој проект досега потрошила околу 1,5 милијарда евра, а се планира изградба и на нови барикади.

Австрија

Австрија изгради ограда долга 4,4 км на граничните премини кон Словенија уште во 2015 година. Дел од оградата, која и денес постои, е укинат поради шенгенските правила, според кои граѓаните може да се движат слободно за туристички намени меѓу двете европски земји.

Словенија

Словенија поседува 500 километри поставена боцкава жица кон границата на соседна Хрватска. Иако Хрватска е во ЕУ, како и Словенија, таа не е во шенген-зоната, па поради тие причини словенечките власти во скорашно време не најавуваат политики за размонтирање на боцкавите жици поставени кон границата со нивниот сосед.

Грција

Грчката влада подолг период се обидува да им се спротивстави на големите бројки на мигранти што од границата кон соседна Турција, кај месноста Марице, се обидуваат да влезат во Европа. За оваа намена, тамошните власти подигнаа 27 километри жичена ограда и дополнителни 11 километри метални и бетонски пречки. Дополнително, земјата има изградено и огради по должината на границите со другите свои соседи. Кон нашата земја Грција поседува ограда долга 34 километри, а кон Бугарија и другите граници кон Турција во тек се активности за изградба на слични барикади. На местата каде што се поставени жичените огради е распоредена и грчката армија, која со термални камери и дронови го мониторира и надлетува просторот.

Кипар

Властите на Кипар донеле одлука да ја засилат боцкавата жица што веќе постои низ главниот град Никозија, која и онака досега го дели островот на грчки и турски дел. Оваа одлука има цел да го спречи влезот на мигранти што од Турција се обидуваат да навлезат на европската територија. Според одредени медиумски пишувања, оваа ограда во Кипар е долга 185 километри.

Бугарија

Бугарија кон границите на соседна Турција поседува 259 километри жичена и боцкава ограда, на која веќе се монтирани термални камери и видеоапаратура за ноќно снимање. По разгорувањето на кризата во Авганистан, неодамна властите во Софија наредија и распоредување дополнителни засилувања на граничните служби за целосно обезбедување на граничниот појас кон Турција.
Летонија

Владата во Рига изминатиов период е под силен јавен притисок да изгради ограда кон Белорусија. Досега, според преземените државни мерки, поставена е боцкава жица долга 37 километри меѓу границата на двете земји и распоредени се поголеми воени и погранични сили за спречување влез на можните мигранти во државата.

Литванија

Литванската влада објави дека по должината на границата со Белорусија ќе изгради ограда долга 508 километри. Објаснувањето на официјален Вилнус за оваа намера е дека на тој начин ќе се спречи лесното минување на мигранти од Блискиот Исток, кои од Белорусија непречено се пуштаат да навлезат во нивната земја.

Естонија

Државниот врв во Талин гради 115 километри жичена ограда по должината на границите со соседна Русија. Градежните работи на оваа физичка конструкција, според изјавата на естонскиот министер за надворешни работи Кристијан Јани, би требало да бидат готови во 2026 година.

Норвешка

Властите во Норвешка изградија ограда во 2015 година по должината на копнените граници со Русија, долга 195,7 километри, откога во оваа европска земја мигрантите минатите години навлегоа во голем број, притоа возејќи велосипеди.

Франција

Француските и британските власти градат серија sидови и огради околу поморскиот град Кале, кој поседува пристаниште што ги поврзува двете земји. Должината на овој проект во моментов е 11 километри, но тој во иднина, според најавите, треба да се зголеми и прошири.
Шпанија

Шпанската влада по должината на нејзините граници кон Мароко од почетокот на 1990-тите години поседува две огради, долги 12 и 8 километри, кои се високи десет метри и се составени од метални и челични пруги, со кои се превенира влез на нелегални мигранти во Шпанија.


Илјадници километри барикади

држава ограда

1 Литванија 508 км
2 Словенија 500 км
3 Полска 400 км
4 Норвешка 197,5 км
5 Кипар 185 км
6 Унгарија 157 км
7 Естонија 115 км
8 Грција 72 км
9 Литванија 37 км
10 Шпанија 20 км
11Франција 11 км
12 Австрија 4,4 км

*должината на оградите е изразена во километри