Вработените во француската железница вчера почнаа тримесечен штрајк, што ќе се одрази на 4,5 милиони граѓани што користат возови. Планирано е штрајкот да трае до 28 јуни, доколку францускиот претседател Емануел Макрон не се откаже од плановите за реформа во државното железничко претпријатие СНЦФ. За време на штрајкот ќе сообраќа само еден од осумте брзи воза „те-же-ве“, како и еден од пет регионални воза.
Персоналот на авиокомпанијата „Ер Франс“, комуналните работници и одделни вработени во енергетскиот сектор, исто така, вчера одржаа одделни штрајкови. Раководството на „Ер Франс“ соопшти дека 75 отсто од летовите не беа погодени од петтиот штрајк во изминатиов месец. Штрајкови, кои се организираат поради платите, вработените во „Ер Франс“ закажаа и за 7,10 и 11 април. Во текот на изминатите недели, во Франција штрајкуваа и пензионерите, студентите и вработените во јавниот сектор, поради реформите што ги најави Макрон. Аналитичарите сметаат дека бранот штрајкови е тест за Макрон, но и за синдикатите, кои повикувајќи на штрајк можат да поттикнат уште поголемо незадоволство во општеството.