Поранешниот австриски заменик и поранешен лидер на Партијата на слободата на Австрија (ФПО), Хајнц Кристијан Штрахе, објави дека сака да ја докаже својата невиност во врска со аферата „Ибица“.
Штрахе беше принуден да поднесе оставка на сите политички функции во саботата кога германските медиуми објавија видео-снимка на која се гледа како наводна внука на руски милијардер нуди државни работи во замена за финансиска поддршка на неговата партија.
-Ние ќе ги најдеме сите што стојат зад криминалните видеа и валканите кампањи од странство против мојата личност и ќе ја докажам мојата невиност. Јас ќе се борам за тоа, рече Штрахе преку „Фејсбук“.
Оваа афера не само што имаше негативно влијание врз неговиот политички живот, туку и врз бракот.
Виенскиот дневник „Кронен цајтунг“ тврди дека неговата сопруга Филипа со детето се преселила кај своите родители.
Таа во изјавата за медиумите рече дека е шокирана и сака првин сè да анализира, како и да се посвети на синот.
На прес-конференцијата, на која ја објави оставката, тој посебно се обрати кон својата сопруга барајќи прошка затоа што се однесувал како тинејџер кон Русинката и што се обидувал да ја импресионира.