Под притисокот за сузбивање на трговијата со дрога, колумбиската армија се наврати на старите трикови
Старите навики тешко умираат, па има нешто изненадувачки тажно во вестите дека колумбиската армиска единица употребуваше американска опрема за надгледување, доделена за борба против герилците и трговците на дрога, за да ги шпионира новинарите, политичките противници и јавните личности, пишува Њујорк тајмс“.
Меѓу целените новинари беше и Николас Кејси од „Њујорк тајмс“, кој го привлече вниманието на јавноста кога пред една година известуваше дека врвот на колумбиската армија им наредил на трупите да го зголемат двојно бројот на криминалци и милитанти што ќе ги убијат или заробат, наредба што потсетува на ексцесите во деценискиот конфликт на армијата против бунтовничките и паравоените групи.
Вооружените групи и криминални банди, повеќето од нив поврзани со одгледувањето на растението кока од кое се произведува кокаин и шверцот на дрога, останаат голема напаст во Колумбија, и покрај тоа што колумбиската влада постигна мировен договор во 2016 година. Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп изврши силен притисок врз Колумбија да ги сузбие овие групи, но наспроти американската помош од 10 милијарди долари, напорите покажаа незначителен напредок. Земјиштето на кое се одгледува кока постојано се зголемува, а според Обединетите нации, бандите убиле 86 лидери на локалните заедници и 77 поранешни припадници на герилската група која го потпиша мировниот договор со државата.
Ваквата лоша состојба е причина поради која армијата е подготвена на големи напори за да покаже резулати. И покрај тоа што останува нејасно кој ја наредил операцијата за надгледување, за која колумбиската влада и водечките луѓе во армијата инсистираат дека немале знаење, не е тешко да се сфати зошто некои елементи на армијата би сакале да ги набљудуваат оние од кои се набљудувани.
Според магазинот „Семана“ кој прв ги објави обвинувањата, војската изработила детални досиеја за повеќе од 130 луѓе, вклучувајќи поранешни генерали, политичари, синдикални лидери, активисти и барем дваесетина новинари. Користејќи компјутерски алатки и софтвер, магазинот пишува „тие извршувале претраги и масовно и индискриминативно ги собирале сите можни информации за нивната цел за подготвување на воени разузнавачки извештаи“. Меѓу целите биле и новинарите на „Семана“, како и новинари на американските „Волстрит џурнал“, „Њујорк тајмс“ и „Ен-пи-ар“.
Алатките на единицата, според „Волстрит џурнал“, вклучувале направи за прислушување и друга опрема доставена од САД. Американскиот весник исто така извести и дека членовите на разузнавачката единица сами се послужиле со парите од американската помош. Особено е вознемирувачки што ресурсите доставени од САД за борба против трговијата со дрога која се криумчари во Америка, биле искористени за шпионирање на американските новинари. Пентагон мора исто така да поведе сметка за тоа како ја надгледува неговата помош.
Статусот на Колумија како еден од главните сојузници на САД во регионот е доведен во прашање. За сопствено добро Колумбија треба да се осигури дека нејзината армија ќе ги почитува строгите правила за однесување. Но, се чини дека има одреден напредок по тоа прашање. Известувањето на „Семана“ доведе до отпуштањето на 11 офицери на разузнавачката единица. Магазинот исто така извести и за оставката на генералот Никасио Мартинез Еспинел, кој беше поврзуван со обвиненијата за нелегалниот надзор, кои тој ги негираше. Владата на претседателот Иван Дуке, која е голем корисник на помошта од САД, ја осуди тајната присмотра и му нареди на министерот за одбрана да ја испита работата на разузнавачките служби во изминатава деценија.