Пазар не постои, продавниците се празни, а СЗО објави дека просечниот Венецуелец има ослабено помеѓу 8 и 11 килограми. Таканаречената „Мадурова диета“ доведе до експлозија на туберкулоза, а во земјата нема лекови, додека Мадуро ја одбива дури и светската хуманитарна помош, зашто тоа би било директно признание дека земјата е во ќор-сокак
Николас Мадуро победи на претседателските избори во Венецуела, освојувајќи уште еден шестгодишен мандат. Додека го ставаше гласачкото ливче во кутијата, Мадуро изјави дека „почнува празникот на демократијата“, неговите соседи и другите латиноамерикански држави заклучија дека „пристигна самракот на слободата за граѓаните на Венецуела“.
Опозицијата главно ги бојкотираше изборите, а речиси никој не се сомневаше дека ќе има „лепливи прсти“ за време на броењето на гласовите. Одѕивот беше слаб, одвај 46 отсто, наспроти оние 80 отсто од минатите избори.
За Мадуро својот глас го дадоа 5,8 милиони гласачи, а за неговиот противкандидат Енри Фалкон гласаа 1,8. Се разбира, Мадуро ги доби изборите дури откако им го одзеде правото на кандидатура на главните опозициски лидери. Леополдо Лопез е во куќен притвор, а Енрике Каприлес е обвинет во монтиран судски процес.
Она по што Мадуро битно се разликува од неговиот претходник, Хуго Чавез, во мисијата за изградба на социјализмот на 21 век, е фактот дека Мадуро ги нема ни визијата, ниту пак енергијата и харизмата на Чавез. А ги нема ни високите цени на нафтата за финансирање на популистичките социјални програми, кои всушност и ја втурнаа во амбис потенцијално најбогатата земја во светот. Денес државата е во полоша состојба и од Куба во деведесеттите, за време на т.н. „специјален период“. Тогаш Куба остана без економската поддршка од Советскиот Сојуз, како сиромашна и изолирана држава на Карипско Море.
Тогаш за една деценија Куба изгуби половина од националниот БДП, додека Венецуела од 2015 година досега има изгубено дури 40 отсто. Прогнозите велат дека БДП само годинава ќе падне уште 15 отсто. Во почетокот на оваа година, на црниот пазар во Каракас, за просечна плата можеа да се купат само 3 долари. Сега за истата сума се добива и двојно помалку. Не станува збор за тоа дека Чавез бил којзнае колку поспособен, но кога тој дојде на власт во 1999 година, платата изнесуваше 185, а кога тој почина 129 долари, додека во првата година на власт на Мадуро, таа беше само 46 долари. Сегашната просечна плата од 392.000 боливари, „изедена“ од хиперинфлација, на пазарот вреди 1,20 долар.
Само како споредба, за време на „специјалниот период“, во кој Куба беше целосно оставена на цедило, рекордната инфлација во земјата изнесуваше 200 отсто, додека во Венецуела таа се мери во илјадници проценти. Врвот на фискалниот дефицит на Куба стигна до 35 отсто, а денес во Венецуела тој изнесува 62 отсто.
Ова всушност значи дека со домашниот буџет, земјата може да финансира помалку од третина од своите потреби. Околу 82 отсто од вработените земаат минимална плата, а половината од приватниот сектор е буквално згазен. Ситуацијата е црна и со црното злато. Во последната година од владеењето на Чавез, Венецуела произведуваше 298 милиони барели нафта, а годинава ќе произведе само 73.
Сфаќајќи дека ѓаволот ја однел шегата, во 1990-тите и 2000-тите години Куба се отвори кон странскиот капитал, дозволи раст на приватниот сектор и се посвети на развој на туризмот и услужниот сектор. Од друга страна, Венецуела тргна во спротивен правец – се затвори, спроведе национализација, го убива приватниот сектор и дава субвенции што немаат економска оправданост.
Стотици илјади луѓе стојат во редовите за бесплатна храна што ја дава државата – тогаш кога ја има – но сепак и неа најпрво ја добиваат лојалните партиски војници. Пазар не постои, продавниците се празни, а СЗО објави дека просечниот Венецуелец има ослабено помеѓу 8 и 11 килограми. Таканаречената „Мадурова диета“ доведе до експлозија на туберкулоза, а во земјата нема лекови, додека Мадуро ја одбива дури и светската хуманитарна помош, зашто тоа би било директно признание дека земјата е во ќор-сокак.
Стапката на криминал е досега незапаметена во историјата на човештвото, а Венецуела денеска, според сите параметри, е една од најнебезбедните држави на планетава.
Повеќе од милион луѓе од оваа несреќна земја избегаа во соседните Колумбија и Бразил, а се очекува бегалскиот бран набргу да надојде, откако повеќето од граѓаните конечно ќе сфатат дека продолжува трендот на пропаѓање. Со еден збор, огромен број луѓе бегството од земјата во непознато го сметаат за поедноставно решение, одошто да се обидат да останат и да променат нешто во својата татковина. С.Р.