Италијанската полиција заплени голем арсенал на оружје, вклучително и авионски проектил (воздух-воздух), во рација спроведена вчера на имотите на неонацистички симпатизери, пренесува „Ројтерс“.
Според соопштението на властите, полициските службеници направиле претрес на имоти во северна Италија кои припаѓаат на Италијанци што се бореле во источна Украина, а наводно, биле поддржани од страна на Русија.
Уапсени се тројца мажи, меѓу кои и царински службеник кој е дел од екстремно-десничарската партија „Нова сила“.
За време на акцијата, полицијата пронашла ракета воздух-воздух со француско потекло, за која се верува дека припаѓала на вооружените сили во Катар. Проверките покажале дека оружјето е во работна состојба, но немало експлозивен набој.
Осомничените се обидувале да ја продадат ракетата, а покрај неа, запленети се 26 пушки, 20 бајонети, 306 делови за пиштоли, вклучувајќи пригушувачи и оптички нишани и повеќе од 800 куршуми од различен калибар. Оружјето потекнувало од Австрија, Германија и од САД. Полицијата исто така запленила и нацистички сувенири.
Истрагата била поведена поради активностите на некои италијански борци со екстремистичка позадина кои учествувале во воениот конфликт во украинскиот регион Донбас, пишува во полициското соопштение. Повеќе од 10.000 луѓе беа убиени од почетокот на 2014 година во источна Украина, во судирот помеѓу проруските сепаратисти и украинските сили.