Демонстрантите во државата ги копираат стратегиите од масовните протести во другите земји
Авторка: Јасмин Серхан
Атлантик
Белорусија стана непрепознатлива во изминатите неколку недели. Стотици илјади луѓе излегоа да протестираат на улиците против долгогодишниот претседател Александар Лукашенко и неговите насилни мерки како последица на спорните избори што се одржаа овој месец. Во градовите во поранешната советска држава, официјалното државно знаме беше заменето со белоруското историско бело-црвено знаме кое го претставува движењето во подем. Цвеќињата и балоните се чест симбол за мирен отпор.
На некој начин, сцените во Белорусија се премногу познати. Спонтаните децентрализирани собири насекаде во државата и масовното користење на социјалните медиуми од страна на демонстрантите наликуваат на продемократското движење во Хонгконг. Редиците на солидарност на илјадници Белоруси облечени во бело потсетуваат на протестите во редици кои беа популарни во движењето за независност наречено „Балтички пат“ во советската ера. Дури отстуството на лидери на протестите потсетува на оние во Каталонија, Чиле, Франција, Индија, Ирак, Либан и во САД.
Овие слични пристапи се симболични за светскиот тренд во кој, во една држава, граѓанското движење ги усвојува најдобрите практики на другите. Преку размена на стратегии, слогани и дигитални ресурси, овие движења ги надминаа нивните граници, беа инспирација и привлекоа меѓународна поддршка. Контекстот и барањата можеби се различни, но тактиките се слични.
Протестите во Белорусија потекнаа од ширењето на антидржавното чувство поттикнато од изборите за кои многумина, во и надвор од државата, сметаат дека се наместени. Размерот на последователните протести беше досега невиден во Белорусија, кој според демонстрантите, бил намерен.
– Пристапот во Хонгконг од почетокот беше избран за главен, затоа што таму веќе беа преземени остри мерки пред изборите. Единствениот начин за криење од полицијата беше да се постапи како во Хонгконг, односно демонстрантите да се појават на едно место, да исчезнат и повторно да се појават на друга локација – истакна Франак Вјачорка, белоруски новинар и продемократски активист, повикувајќи се на извештаи за насилство и апсења во Белорусија пред изборите што се одржаа на 9 август.
Тој посочи дека спонтаниот и агилен стил на протестите во Хонгконг се покажал ефикасen против белоруските власти кои со децении се справуваа само со традиционалниот начин на протестирање. Тој нагласи дека „кога се случува нешто неконвенционално“, како што се човечките редици или уметничка изведба, тогаш „системот се нарушува и не знае како да реагира“.
Но Хонгконг не беше единствената инспирација на демонстрантите. Вјачорка вели дека протестите од 16 август, кои можеби беа најмасовни во белоруската историја, „повеќе потсетуваа на ерменската револуција, а идејата била да се создаде критична маса на луѓе кои ќе ги преплават улиците и ќе ја покажат масовноста“. Досега тие успеаја токму тоа да го постигнат. Покрај уличните протести, движењето беше поддржано од маршови на земјоделците и на работниците во фабриките, кои се сметаа за најлојални приврзаници на Лукашенко. Државните претпријатија и медиумски куќи исто така се приклучија на штрајкот, како и лица кои тврдеа дека се припадници на полициските и безбедносните служби, кои се снимаа како ги фрлаат униформите во знак на протест.
Од клучно значење за успешноста на движењето беше користењето на социјалните мрежи. Јутјуб ги популаризираше опозициските фигури како сопругот на Светлана Тихановскаја, Сергеј Тихановски, чија кандидатура за претседател беше спречена со неговото апсење во мај. По неговото апсење, Тихановскаја го презеде неговото место.
Потоа демонстрантите се свртеа кон Телеграм, откако традиционалните платформи на социјалните медиуми станаа понедоверливи. Сервисот за шифрирани пораки, кој слично беше популарен во аморфните движења во Каталонија и во Хонгконг, одигра клучна улога во организирање на протестите и хоризонталното ширење на информациите без никакво физичко присуство на лидер. Вјачорка смета дека ова е „револуција на Телеграм, а не на опозицијата или на политичките партии. Сè било направено од страна на блогерите, инфлуенсерите и каналите на оваа апликација“.
Лукашенко исто така сакаше да ги задуши протестите со укинување на пристапот до Интернет во државата, тактика која ја користеа други влади вклучувајќи ги оние во Индија, Иран и во Египет. Белорусите во нивна полза го искористија искуството од протестите во Хонгконг и Индија. Кога не функционираше Интернет, тие користеа апликации за кои тој не беше потребен, како Фајрчет и Бриџифај кои им овозможуваат на корисниците да комуницираат слободно. Алатките за ВПН, како што е Сифон, кој е популарен кај активистите во Кина и во Иран, пријавија наплив на корисници само еден ден по изборите во Белорусија.
Сепак, колку лесно да се пренесуваат овие тактики, тие не можат да го заменат фактот што секој протест суштински се разликува подеднакво, во однос на тоа како владата реагира на барањата и колку долго луѓето сакаат да се борат за нив. Иако некои протесни движења ги постигнуваат нивните цели и потоа се забораваат, другите како движењето во Хонгконг и француското движење на „жолтите елеци“ невообичаено долго беа присутни во општеството. Но Белорусите немаат толку време. Како и останатите економии, белоруската беше силно погодена од пандемијата во која над половина од населението пријави намалување на приходите. Оние што во моментов штрајкуваат можеби нема да бидат во финансиска позиција тоа да го прават долго време.
Можеби најголемиот фактор за успех на протестите е самиот Лукашенко. Покрај размерите на опозицијата против него, како и очигледната руска неволност за вмешување, претседателот останува цврсто на своите ставови.
– Тој сè уште верува дека сè може да биде како порано, но тоа не е така – тврди Вјачорка.
Превод: Билјана Здравковска