Американскиот претседател Доналд Трамп воведе двоцифрени царини против кинески стоки во вредност од десетици милијарди долари, што го поттикна Пекинг да наметне одмазднички тарифи за увозот на САД. Трговската војна може уште повеќе да ескалира, бидејќи Трамп се заканува дека ќе воведе високи царини за нови кинески стоки во вредност од 200 милијарди долари, како овошје, зеленчук и јаглен. Кинеската влада се закани дека ќе преземе „цврсти и силни мерки“ ако Трамп навистина ја реализира својата закана.
Откако стапија во сила високите царини за увозните стоки во САД, се поставува прашањето што мисли американската јавност за оваа ситуација. Галуп спроведе анкета врз американски испитаници и откри дека повеќето Американци ги поддржуваат обидите за промена на трговските односи со Пекинг. Според истражувањето, 62 отсто од анкетираните Американци сметаат дека кинеската трговска политика со САД е неправедна, додека само 30 отсто сметаат дека е фер.
Трамп, исто така, воведе царини за увоз на челик и алуминиум на голем број трговски партнери, вклучувајќи ги и Канада и ЕУ. Во однос на овие мерки, 65 отсто од испитаниците сметаат дека ситуацијата со Канада е фер, а 56 отсто го имаат истото мислење за ЕУ.
Додека 55 отсто од испитаниците, исто така, сметаат дека јапонската трговска политика кон САД е фер, работите се поделени кога станува збор за Мексико. Имено, 46 отсто од Американците сметаат дека трговијата меѓу САД и Мексико е фер, додека 46 отсто сметаат дека не е фер.