Ерменците не го напуштаат манастирот Дадиванк
Што и да се случи, јас ќе останам во манастирот, кажа Хованес Хованисјан,
свештеникот во манастирот Дадиванк во Нагорно-Карабах, кој стана симбол на ерменската тага по мировниот договор склучен со посредство на Русија, кој стави крај на шестнеделната војна меѓу Азербејџан и Ерменија во регионот Нагорно Карабах, објавува „Мидл ист ај“.
Манастирот, изграден во деветтиот век, се наоѓа над патот меѓу ерменскиот главен град Ереван и Степанакерт, главниот град на Нагорно Карабах, кој за Азербејџанците е познат како Ханкенди.
Областа околу манастирот, Кељбаџар, завчера требаше да премине под контрола на Азербејџан, кој според договорот треба да врати голем дел од територијата што ја загуби од ерменските сили во претходната војна во 90-тите години на минатиот век.
Додека руските мировни сили го надгледуваат предавањето на контролата на регионот, ерменските жители имаат рок да го напуштат Нагорно Карабах до 25 ноември.
Затоа, во текот на изминатите неколку дена, пред стапувањето на сила на договорот, илјадници Ерменци го посетија манастирот кој е симбол на ерменското христијанство и
култура. Ерменците не ја знаат судбината на манастирот, а токму тоа било и тема на дискусија, со што многумина се прашуваат дали треба да се извадат светите артефакти. Ерменците, кои се претежно христијани, стравуваат дека манастирот ќе го опустошат Азербејџанците, кои се претежно муслимани. Многумина, како отец Хованисјан и Размик Карапетјан, велат дека ќе останат во манастирот дури и кога областа ќе биде под контрола на Азербејџан.
– Тука сме да останеме до крај. Ова е наша црква. Нашиот крст носи голема тежина. Тука сме да ја носиме таа тежина – вели Карапетјан.
Кабинетот на азербејџанскиот претседател, Илхам Алиев, во саботата изјави дека христијанските локации и споменици во областите што се враќаат под контрола на Баку ќе бидат „соодветно заштитени од државата“.
– Азербејџан е мултинационална и мултиконфесионална земја, каде што правата и слободите на сите народи и верниците на сите религии се целосно загарантирани – се вели во соопштението.
Сепак, расположението на посетителите на Дадиванк беше тажно. Мажи и жени плачеа и се прегрнуваа едни со други, додека други правеа фотографии од градбите кои се дел од манастирот. Војувањето засега е завршено. А последиците допрва ќе ги почувстуваат Ерменците во Нагорно Карабах.