Кинеската компанија изминатите години направи план за работење во вонредни ситуации, развивајќи сопствена технологија во случај на блокирањето на Андроид. Основачот на „Хуавеи“, Рен Женгфеи, порача дека САД целосно ги потцениле капацитетите на кинескиот гигант и неговото неоспорно лидерство во развојот на најновата мрежа за мобилна телефонија, позната како 5Г

Трговската војна помеѓу Вашингтон и Пекинг влезе во нова, поопасна фаза, откако интернет-гигантот „Гугл“ ја прекина соработката со кинеската компанија „Хуавеи“. Потегот на „Гугл“ следува откако минатиот петок американскиот претседател Доналд Трамп го забрани користењето производи на кинеските компании. Со ваквата одлука, „Хуавеи“ го губи пристапот до новата верзија на оперативниот систем Андроид. Покрај тоа, новите верзии на мобилни телефони од кинескиот технолошки џин нема да можат да ги користат апликациите Плеј стор, Џи-мејл и Јутјуб.
Американското министерство за трговија ги стави на т.н. црна листа производите од „Хуавеи“, како и од 70 фирми поврзани со кинеската компанија. Но, како што пренесува Ројтерс, „Хуавеи“ изминатите години подготвил план за работење во вонредни ситуации, развивајќи сопствена технологија во случај на блокирањето на Андроид.

Основачот на „Хуавеи“, Рен Женгфеи, порача дека САД ги потцениле капацитетите на кинескиот гигант. Рен го намали значењето на најновите чекори на Вашингтон, порачувајќи дека никој во блиска иднина нема да може да ја стигне технологијата 5Г на „Хуавеи“.

 

 

 

Интересно е тоа што американското министерство во понеделникот издаде привремена лиценца што им овозможува на некои компании да продолжат со поддршката на постојните мрежи и уреди од „Хуавеи“. Американските претставници посочија дека лиценцата, во траење од 90 дена, ќе овозможи продолжување на операциите за постојните корисници на мобилни телефони од „Хуавеи“, како и за руралните интернет-мрежи.

Аналитичарите сметаат дека ситуацијата со „Хуавеи“ е продолжување на американско-кинеската трговска војна и дека Вашингтон планира да го принуди Пекинг на потпишување нов договор под американски услови, при што воопшто не е на повидок решавање на кризата.

Од друга страна, американските технолошки компании уште од порано предупредуваа на своите големи загуби доколку го загубат пристапот до кинескиот пазар, кој за нив има огромни, речиси неограничени потенцијали. Па така, државната политика на САД директно се вмеша во приватниот бизнис, што, пак, е спротивно на американските норми и бизнис-стандарди, според кои државниот интервенционизам е најголемо зло.
Некои експерти сметаат дека американската трговска војна не е ништо друго освен обид за блокада на Кина и желба за контролата на напредните технологии, додека Кина сѐ уште не го презела лидерството во овој сегмент, пренесува порталот „Геополитика“.