Затворениците не се сместени во класични затворски блокови, туку во бараки во рамки на рускиот казнен систем, кој се смени во однос на времето на гулагот, но сепак, разви честопати брутална затворска култура. Ова е светот што го очекува рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, откако беше прогласен за виновен за прекршување на условната казна и осуден на повеќе од две и пол години затвор. Тој се жали на пресудата, но малкумина веруваат дека ќе биде поништена, пишува „Њујорк тајмс“.
Властите не соопштија каде Навални ќе ја отслужува казната, а би можел да биде задржан во затвор и во Москва, во случај да го очекуваат уште судски постапки.
– Челичните врати удрија зад мене со заглушувачки звук – напиша Навални во изјава по добивањето на пресудата.
Тој минатиот месец се врати во Русија од Германија, свесно бирајќи затвор во однос на егзил. Ако Навални биде испратен во казнените колонии, го очекува отслужување на казната во тешки услови, како што наведуваат одредени групи за човекови права и поранешни затвореници.
– Условите се тешки. Се наоѓате во голема просторија заедно со 40 до 80 други мажи. Тоа може да биде неподносливо – вели Валериј Боршов, поранешен пратеник во руската Дума кој беше дел од комитет за затворски реформи.
Рускиот казнен колонијален модел, со бараки опкружени со бодликава жица, сочинува поголем дел од руските затвори, односно 684 од вкупно 692 казнени установи. Тој еволуирал од работните логори од советската ера. Денес, затворениците вообичаено работат во лесната индустрија и шијат воени униформи, наспроти работата во рудниците или сечењето дрва во времето на СССР. Бараките ноќе се заклучуваат без присуство на чувари и затворениците се препуштени сами на себе. Навални порача дека ќе биде во ред, бидејќи е храбар.
– Досега немав проблеми со затворениците, и не мислам дека ќе имам и сега – категоричен е рускиот опозиционер.