Емисиите на јаглерод диоксид значително се зголемија во светот во 2020 година што е во директна корелација со намалувањето на сообраќајот и на работењето на индустријата поради пандемијата на ковид-19. Најголемо намалување на штетните емисии беше забележано во големите држави како Кина, САД и Индија, бидејќи многумина седеа дома поради карантините и строгите рестриктивни мерки. Новите податоци покажуваат дека вкупната емисија на штетни гасови се намалила во 2020 година, но од друга страна исто така покажуваат дека нивното ниво брзо се зголемило кога државите го ставија под контрола ширењето на вирусот и повторно ги отворија своите економии.
Според податоците за следење на нивото на јаглерод во светот до кои дојде „Блумберг“, Кина е една од неколкуте држави лани што ги зголемија емисиите на јаглерод со пораст за околу половина процент.
Други региони како САД, Европската Унија и Индија, успеаја да ги задржат значителните намалувања на штетните емисии во текот на изминатата година на ниво од седум до 12 отсто. Во целина, светските штетни емисии лани се намалија за околу четири отсто.
Зголемувањето на штетните емисии во Кина директно е поврзано со брзиот одговор на ковид-19 и закрепнувањето од карантините лани во пролетта. Од макроекономска гледна точка, корелацијата меѓу обновата и зголемувањето на емисиите ќе биде предизвик за сите големи економии што сакаат брзо да се вратат на старите патеки со воведувањето на вакцинациските програми оваа година, особено со тоа што многу влади ветија огромно намалување на емисиите на јаглерод и значајни инвестиции во обновливата енергија и електричниот превоз во наредната деценија.