Околу 50 новинари денеска учествуваа на протестите пред Врховниот суд во Мадрид со цел заштита на доверливоста на нивните извори.
Демонстрантите скандираа „Нема новинарство без демократија“ и носеа транспаренти со текст „Нашата професионална тајна е твоето право на информација“.
Протестот беше организиран откако во вторникот на островот Палма де Мајорка, по судска наредба, беа одземени два телефона, компјутери и документација на двајца новинари од новинската агенција „Eуропa прес“ и весникот „Дијарио де Мајорка“, кои истражуваа афера за корупција.
Судијата издал наредба да се проверат пораките и мејловите на двајцата новинари за да се открие изворот на информации во врска со корупциски скандал на Балеарските Острови за сопственик на дискотеки, кој бил заштитен од политичари и локалната полиција.
Сепак, тоа предизвика револт во Шпанија, каде што конфискациите речиси едногласно беа осудени од страна на организациите за заштита на новинарите, синдикатите и политичките партии. Сите го критикуваа нарушувањето на доверливоста на новинарските извори, гарантирани со закон.
– Тоа не е само напад врз слободата на говорот и новинарите, туку и против правото на граѓаните на информации. Кој сега ќе разговара со овие новинари?- праша генералниот секретар на Сојузот на новинарски синдикати, Агустин Јанел, кој учествуваше на протестот.