Во последните четири дена шпанските власти открија 41 мигрант кои се обидувале да дојдат од Северна Африка во Европа скриени во контејнери со стакло за рециклирање и отровна пепел, соопшти шпанската Цивилна гарда.
Првата група од 35 мигранти е откриена во петокот при обид да стигнат до континентална Европа од шпанската енклава Мелила, во Северна Африка, а некои од нив биле во контејнери со скршено стакло, подготвени за рециклирање, пренесува АП.
Другиот дел од таа група бил скриен во контејнери со пепел од градскиот согорувач.
Шпанските енклави Мелија и Сеута се сметаат за места од каде што најголемиот број мигранти се обидуваат да стигнат до Европа, а многумина од нив се обидуваат тоа да го сторат со пливање или криење во возила.
Само минатата година во Мелила биле откриени 11.700 мигранти, а од почетокот на годинава 1.781.