Над 57 илјади мигранти пристигнале во Европа преку Шпанија во 2018 година, што претставува половина од вкупниот број мигранти кои пристигнале преку Медитеранското Море, соопшти Меѓународната организација за миграција (МОМ).

Според оваа организација, која ги набљудува мигрантските текови во светот, околу 140 илјади мигранти и баратели на азил пристигнале во Европа во текот на изминатата година. Од нив 114 илјади преку море, а 25 илјади преку копно, додека шест илјади лица се исчезнати или починати.

Оваа статистика е водена до 19 декември, што значи дека не се вброени дополнителните триста мигранти кои пристигнаа на шпанското крајбрежје на 28 декември, спасени од хуманитарниот брод „Отворени раце“.

За Шпанија ова претставува рекорден број прием на азиланти, поголем од последниот рекорд во 2006 година кога пристигнаа 39.180 лица, најчесто преку Канарските острови.

Со ова Шпанија станува главниот влез во Европа за барателите на азил кои потекнуваат од африканскиот континент, далеку пред Италија, Грција или Малта.

Околу една третина до половина од овие луѓе ќе бидат вратени во своите земји бидејќи не се квалификуваат за бегалски статус, проценуваат експертите.