Откога американскиот министер за правда, Бил Бар, ги овласти сојузните обвинители да поведат истрага за нерегуларности на претседателските избори во САД, шефот на одделот за изборен криминал при Министерството одлучи да поднесе оставка.
– Откако се запознав со новата политика и нејзините последици, со жалење морам да се повлечам од мојата улога како директор на одделот за изборен криминал – напиша Ричард Пилгер во електронската порака до своите колеги, објави „Њујорк тајмс“.
Пилгер, наводно, рекол дека ќе добие друга улога во Министерството за правда и ќе работи на одделот за гонење корупција.
Претходно, одделот за изборен криминал не преземаше отворени истражни чекори сè додека не завршат изборите, но таквиот пасивен и одложен пристап за спроведување, според Бар, може да резултира со ситуации во кои изборните неправилности не може реално да бидат исправени.
Новата политика на Бар дозволува истраги и ревизии ако има јасни и очигледно веродостојни тврдења за неправилности, кои ако се точни, потенцијално може да влијаат на резултатите.
Апелирајќи обвинителите да ги решат овие обвинувања на навремен и ефикасен начин, Бар предупреди дека тие треба да ја одржат апсолутната посветеност на Министерството за правда на правичноста, неутралноста и непартизацијата и да не поведуваат истраги засновани на специфични, шпекулативни, нереални или неосновани тврдења.
Според „Тајмс“, Бар веќе одобрил истрага за обвинувањата на републиканците дека во Невада имало гласачи што немале право да гласаат, а во Пенсилванија имало гласови испратени по пошта со сменет датум.
Иако демократот Џо Бајден прогласи победа во саботата, Доналд Трамп го оспори тоа пред судот.
Ниту една од државите сè уште не ги потврдила своите изборни резултати, а во тужбите на Трамп се бара ревизија на гласањето во повеќе држави во кои неговото рано водство беше збришано со гласовите испратени по пошта и пребројани долго по денот на изборите.