Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф денеска во Минхен го обвини Израел дека сака да предизвика војна на Блискиот Исток, предупредувајќи дека однесувањето на таа земја и на САД го зголемуваат ризикот од избивање нови судири во регионот.
На Минхенската конференција за безбедност Зариф го обвини Израел за кршење на меѓународното право со бомбардирањето на Сирија, а исто така ги критикуваше и западноевропските сили што не го осудиле однесувањето на Израел и САД во регионот.
– Опасноста од војна е голема. Ризикот ќе биде уште поголем ако затворате очи пред големото кршење на меѓународното право, истакна Зариф.
Тој, исто така, ги обвини САД и администрацијата на претседателот Доналд Трамп за вршење притисок врз европските земји да се повлечат од нуклеарниот договор со Техеран.