Шефицата на владата на Хонгконг, Кери Лам, се состана со над 130 граѓани на стадионот во полуавтономната територија, за да разговара во врска со повеќемесечните протести.
За средба со Лам пријавени беа над 20.000 граѓани, а само 30 од нив имаа можност да се обратат најдолго до три минути.
Тие ја критикуваа Лам дека владата останала глува на повиците за демократските реформи кои се бараат на протестите. Ја обвинија владата за ароганција бидејќи долго ги игнорирала, а сето тоа кулминирало со насилство на протестите. Говорниците го осудија насилството на полицијата за време на демонстрациите.
Покрај Лам, на средбата присуствуваа уште неколку членови на кабинетот кои внимателнно ги слушаа обраќањата на граѓаните над два часа.
Лам ја призна недовербата во нејзината влада и полицијата, и вети дека ќе ја врати поддршката од јавноста.
Таа повтори дека насилството мора да престане за да се поддржи владеењето на правото и додаде дека ќе се истражат наводите за насилството на полицијата.
Критичарите на Лам, дијалогот што беше емитуван во живо, го нарекоа политичка претстава направена со цел да се смират демонстрантите пред големиот собир што е најавен за овој викенд во пресрет на прославата за Националниот ден на Кина, 1 октомври.
Ова беше прв дијалог од почетокот на протестите во јуни.