Големата криза и безредијата, кои веќе десет недели траат на улиците на Хонгконг, може да доведат до таква „експлозија“ чии последици може да ги почувствува целиот свет. Официјален Пекинг обвинува дека демонстрациите се организирани од Западот, предводен од САД, и оти станува збор за отворено мешање во внатрешните работи на Кина. Кинеските власти тврдат дека станува збор за обид за дестабилизација на земјата, а некои од државните медиуми прават споредби со популарните шарени револуции. Но проблемот е во тоа што Кина не е ниту Украина, ниту Грузија, ниту, пак, Србија, туку „светска фабрика“, а глобалниот свет повеќе не е униполарен за автоматски да се впушти во политичко-економска и дипломатска изолација на Пекинг, оценува порталот „Геополитика“.

Војната на зборови особено се заостри откако весникот „Такун пао“ објави фотографија на која Џули Едех, шефицата на политичкиот оддел на конзулатот на САД во Хонгконг, разговара со опозициските лидери што ги предводат изборите во градот. Објавувањето на фотографијата предизвика голем дипломатски скандал помеѓу Вашингтон и Пекинг, а речиси сите кинески медиуми укажуваат на доказот за директното американско мешање во внатрешните работи на Кина и за агресијата против кинескиот суверенитет.

Светските медиуми потсетуваат дека Хонгконг е град со посебен статус и широка автономија во рамките на Кина, а истовремено и своевиден катализатор на азиската финансиска криза, која засега е во сенка, но доколку експлодира, може да биде посилна од минатонеделното вештачко намалување на вредноста на домашната валута јуан. Сето ова, според „Геополитика“, многу потсетува на нова шарена револуција. Масовните демонстрации беа предизвикани од предлог-законот за екстрадиција на осомничени лица во Кина, кој во меѓувреме беше повлечен. Па, така, уличните судири со полицијата и демолирањето на владините објекти станаа секојдневна појава.
Станува збор за опасна игра, на која никој не може да ѝ го прогнозира крајот. „Геополитика“ оценува дека е повеќе од очигледно дека администрацијата на Доналд Трамп го избрала Хонгконг како уште една нова и многу моќна алатка во обидот за дисциплинирање на „непослушната“ Кина и нејзино принудување на склучување трговски договор според американските услови, меѓу кои најважни се запирање на давањето државни субвенции за кинеските компании и дополнителна либерализација на големиот кинески пазар. Токму овие барања се неприфатливи за Пекинг, бидејќи тоа би значело и намалување на влијанието на Комунистичката партија на сите економски процеси во земјата.

Од друга страна, американскиот Стејт департмент не се повлекува, па продолжува со критиките до „криминалниот режим“ во Пекинг. Интересно е тоа што Русија повторно веднаш застана на кинеска страна. Руското МНР соопшти дека со Кина ќе воспостави режим за размена на информации за мешањето во внатрешните работи на двете земји. Па, така, во тек се нова руско-кинеска хомогенизација и продолжување на формирањето единствен фронт против, пред сѐ, актуелната американска, но и британската политика, која Пекинг исто така остро ја осудува како мешање во внатрешните работи на Хонгконг.
Но властите во Пекинг јасно сигнализираат дека нема да ја толерираат таквата ситуација и се закануваат со интервенција.

– Одредени постапки на радикално ориентираните демонстранти се предизвик за авторитетот на централната власт и основите на принципот „Една земја, два система“ – се наведува во соопштението на кинеското министерство за одбрана.
Истовремено, кинеското МНР соопшти дека Пекинг е крајно незадоволен од лажните известувања на Стејт департментот за ситуацијата во Хонгконг. Покрај тоа, кинеските власти сѐ почесто ги предупредуваат демонстрантите да не си играат со оган, што претставува прво толку отворено мешање на Пекинг во внатрешните работи на Хонгконг, по завршувањето на британската колонијална власт и враќањето на градот под кинески суверенитет во 1997 година.

Не треба да се заборави дека Хонгконг има свои, целосно автономни полициски сили, независни од централната влада во Пекинг, но и тоа дека и Кина во градот има еден гарнизон, кој, според договорот за прекинување на британската власт, може да биде активиран само во случај на елементарни непогоди. Но локалните власти сѐ потешко се справуваат со демонстрантите, кои речиси го парализираа животот во градот и го блокираа главниот аеродром.

Интересно е тоа што, како што наведува „Геополитика“, евентуалното насилно соборување на власта во Хонгконг може да биде искористено од Пекинг за репресивно воспоставување на јавниот ред во оваа негова автономна област и инсталирање „марионетска влада“, која во тој случај би постоела до истекувањето на рокот за важење на договорот за неговиот посебен статус. Па, така, поради радикалните протести, губитници ќе бидат и Владата во Хонгконг и тамошните граѓани.

Некои кинески експерти сметаат дека е очигледно оти Хонгконг за САД и Британија претставува силен детонатор за внатрешна диверзија во срцето на Кина, која може да предизвика експлозија од големи размери. Тоа би можело да доведе до почеток на голема азиска економска и политичко-безбедносна криза, како и глобална осуда за кинеските власти, поради нивната „репресија“ над демократските демонстранти, кои бараат само поголем степен на слобода и човекови права.


Основачот на српски „Отпор“ ги советува опозициските демонстранти?

Кинеските државни медиуми тврдат дека зад насилните демонстрации во Хонгконг стои американската ЦИА, која за тоа ги користи „услугите“ на невладината организација КАНВАС, предводена од Срѓан Поповиќ. КАНВАС, која е позната по „организирањето“ повеќе шарени револуции, има цел да ја обучи локалната опозиција како да се однесува на демонстрациите и да користи ненасилни средства во демократската борба.
Уште во 2013 година, Викиликс објави дека КАНВАС наводно е финансирана од ЦИА. Интересно е тоа што Поповиќ, основачот на невладината организација, наводно имал клучна улога во повеќе шарени револуции по соборувањето на српскиот претседател Слободан Милошевиќ. Според некои процени, станува збор за околу 50 шарени револуции во повеќе делови на светот.
Поповиќ првпат го привлече вниманието на меѓународната јавност како основач на белградската организација на политички активисти „Отпор“ во октомври 1998 година.