Кој и да го критикува Виктор Орбан, унгарските провладини медиуми веднаш извикуваат Сорос, напиша новинарката Флора Гарамволги на Твитер, во врска со „одбраната“ на унгарскиот премиер од неодмнешните критики на холивудската ѕвезда Џорџ Клуни.
Во интервју за магазинот за мажи „Џи кју“ објавено минатата недела, Клуни ја критикуваше владата на Будимпешта, посочувајќи ја како пример за „гневот и омразата што се гледаат насекаде низ светот“. Владата на Орбан му возврати на славниот актер, истакнувајќи дека тој е „марионета на американскиот милијардер Џорџ Сорос“, кој се наведува како противник на унгарскиот лидер, поради неговото лобирање за миграцијата.
– Сорос ја користи секоја прилика за да ја нападне унгарската влада. Фрустрирачки е кога има актери, дури и аполитични актери, кои извршуваат такви политички задачи за Сорос – кажа портпаролот на унгарската влада Орс Фаркаш.
Згора, неколку унгарски провладини медиуми објавија фотофрафија на актерот заедно со синот на Сорос, Александар. Клуни набргу им одговори на унгарските медиуми.
– Се сретнав со синот на Сорос еднаш, на настан во Давос…, па пропагандната машина на Орбан лаже. И точка – категоричен беше Клуни, кој додаде и оти не очекува неговиот одговор да биде објавен во повеќето унгарски медиуми, бидејќи тие се во сопствеништво на режимот на Орбан и на неговите сојузници.
Орбан честопати ги обвинува неговите критичари за поврзаност со Сорос. Многумина конзервативни политичари сметаа дека унгарската влада ја пречекори црвената линија со покренувањето на антиимигрантска кампања со билборди, на кои беа прикажани тогашниот шеф на Еврокомисијата, Жан Клод Јункер и Сорос, минатата година.
Орбан, пак, во интервју радиото „Кошут“ во 2018 година тврдеше и дека организацијата на Сорос стои зад прогонот на поранешниот македонски премиер Никола Груевски.
А универзитетот на Централна Европа (ЦЕУ) основан од Сорос, со седиште во главниот град на Унгарија, Будимпешта, минатата година беше преместен во Виена, откако стана цел на владата на Виктор Орбан за време на мигрантската криза во 2015 година.
Сорос кој е родум од Будимпешта, го напушти главниот град на Унгарија по завршувањето на Втората светска војна, откако го преживеа Холокаустот. Милијардерот некогаш беше поддржувач на Орбан, кога унгарскиот лидер беше борец за либерална демократија во својата младост.