Основачот на „Викиликс“ Џулијан Асанж ја почна својата најтешка битка, обидувајќи се да избегне екстрадиција во САД, откако завчера беше осуден на 50 недели затвор од судот во Лондон, објавуваат американските медиуми.
Тој се појави во судот во Лондон преку видеолинк од затвор со високо обезбедување во четвртокот, откако неговата борба против тужбата за екстрадицијата во САД во врска со заговорот за компјутерско хакирање е во тек. Асанж се јавил од затворот „Белмарш“ и притоа носел спортска јакна, а на него не биле забележани лисици.
Откако бил прашан од страна на судијата дали се согласува да се предаде за екстрадиција, Асанж одговорил дека не сака да го стори тоа, бидејќи новинарството за кое што се залагал освоило многу награди и допрело до многу луѓе.
– Не сакам да се предадам за екстрадиција само затоа што се занимавав со новинарска работа која освои повеќе награди и заштити многу луѓе – кажал Асанж.
Ова беше неговото второ појавување неделава, откако во средата доби казна затвор од скоро една година за неплаќање кауција во 2012 година, кога побарал политички азил во еквадорската амбасада во Лондон.
Асанж беше гонет во Шведска за распит во врска со обвинувањата за сексуален напад и силување. Австралискиот свиркач, кој негира дека направил нешто погрешно, кажа дека побарал засолниште поради стравувањата дека Шведска ќе го екстрадира во САД поради неговата работа во „Викиликс“. Се претпоставува дека Асанж и неговиот правен тим ќе се соочат со долга и компликувана правна битка во обидот за избегнување екстрадиција во САД, каде што е обвинет за обид за хакирање на компјутер во Пентагон.