Поранешниот австриски вицеканцелар Хајнц-Кристијан Штрахе, кој поднесе оставка минатата година откако тајно беше снимен на шпанскиот остров Ибица како нуди продажба на политички услуги на жена за која мислеше дека е внука на руски олигарх, се обидува да оствари политички камбек во Виена, пренесува „Политико“.
Штрахе кој е под истрага на австриските власти во врска со т.н. скандал „Ибица“ ќе учествува на локалните избори во Виена кои ќе се одржат утре. Поранешниот лидер на десничарксата Партија на слободата беше принуден да поднесе оставка од партиската функција по обелоденувањето на скандалот.
Штрахе тврди дека бил жртва на заговор осмислен од германските медиуми кои објавија инкриминирачки делови од снимката направена на Ибица во 2017 година, и од мистериозни сили чија цел било подривање на крајната десница во Австрија. Покрај скандалот „Ибица“ Штрахе се соочува со дополнителни обвиненија дека проневерил повеќе од 500 илјади евра од неговата партија, наведувајќи лажни трошоци за лични цели.
Колку неверојатен и да делува неговиот камбек, Штрахе има добра прилика да добие доволна поддршка во Виена за преминување на цензусот од пет отсто, потребна за влез во градскиот парлемент. Според последните анкети, Штрахе е блиску до таа цел.