Во американската сојузна држава Вашингтон починаa нови четворица луѓе од коронавирус, со што бројот на смртни случаи во САД се искачи на шест. Државата објави вонредна состојба за викендот.
Пет од смртните случаи се во Кинг Каунти, каде главен град е Сиетел.
Сега во овој регион има пријавени 18 случаи на заразени, а постои стравување од понатамошно ширење на болеста. Истражувачите кои ги проучувале првите два смртни случаи во Вашингтон изјавиле дека вирусот можеби се ширел таму со недели и предупредиле дека може да се заразат до 1.500 луѓе.
Во последните 24 часа во Италија починале 18 луѓе од коронавирус, со што вкупната бројка порасна на 52, а 1.835 се заразени.
Нови земји кои пријавија појава на вирусот се Сенегал, Саудиска Арабија, Тунис, Јордан, Чешка, Португалија, Исланд, Индонезија, Малезија, Андора и Ерменија. Првпат е регистриран и во Њујорк, Москва и Берлин.